Во 2018 година, создадени се предуслови и постои прозорец на можност за решение, грчката позиција е сложено име со географска одредница за севкупна употреба, а ако има широк внатрешен консензус во земјата, Каменос нема да се спротивстави, вели министерот без ресор и портпарол на грчката Влада, Димитрис Ѕанакопулос, во интервју за Еуроњуз Грција.
Тој, јавува дописникот на МИА од Атина, во однос на грчките црвени линии објаснува дека тие се познати уште од 2007-та и сѐ уште се во сила.
– Грчката влада, како и во изминатиот период, во преговорите ќе дојде токму со оваа политичка позиција, односно сложено име со географска одредница и валидност на името кон сите. Оттука, постојат и други прашања за кои ќе треба да се разговара. Сепак, во моментов, не сакам да навлезам во технички детали. Мислам дека она што е важно во оваа фаза е фактот што и грчкиот премиер и лидерот на ПЈРМ, јасно имаат изјавено дека можат да создадат политички предуслови и постои заедничка волја за да најдеме заемно прифатливо решение. Мислам дека ова е тоа на што треба да се задржиме во оваа фаза, вели Димитрис Ѕанакопулос.
Во интервјуто за Еуроњуз Грција, портпаролот на грчката Влада, го повторува истото она што, како што објави МИА завчера, го кажа говорејќи за државната ТВ ЕРТ, дека во 2018-та може да се најде решение за прашањето за името.
– Мислам дека во 2018 се создадени некои предуслови, за да бидеме оптимисти оти ќе можеме да најдеме заемно прифатливо решение во рамките на сложено име, бидејќи и соседната земја направи отстапки од некои радикални позиции од минатото, а и од грчка страна постои волја, расположение да одиме напред кон решение на проблемот. Мојата проценка е дека навистина, постои прозорец за можности во 2018 и нашата цел е да изградиме што е можно поголем внатрешен консензус за да можеме да одиме напред кон решавање на конкретниот проблем, објаснува Ѕанакопулос.
Во однос на спротивната позиција на коалицискиот партнер Независни Грци, владиниот портпарол вели дека изјавите на Панос Каменос во никој случај не исклучуваат изнаоѓање на решение.
– Каменос зазеде многу одговорна позиција, велејќи го следното, дека освен тоа што е воздржан за конкретното прашање, нема расположение да предизвика владина, политичка криза, напротив, како услов, го поставува тоа што ви го кажав претходно, најширок можен консензус во рамките на политичкиот систем. Доколку се постигне тоа, Каменос рече дека нема да се спротивстави на решавањето на ова прашање, вели портпаролот на грчката Влада, пренесува МИА.
Во однос на евентуален состанок на лидерите на политичките партии за прашањето за името, Ѕанакопулос вели дека следниот период ќе се знаат и следните чекори на владата. (МИА)