Судењето за предметот „Поткуп“ во кој е обвинет премиерот Зоран Заев е одложено за 29 јануари следната година, бидејќи предметот не е пристигнат од Апелацискиот суд кој се уште не одлучил за жалбата за ПИ-мерките во овој случај. Додека за функционери од ВМРО-ДПМНЕ има рочиште секој ден, за Заев се одложува постојано.
– Ние баравме изземање на судијката и се надевам дека брзо ќе се донесе одлука за да може да продолжи судскиот процес – рече Заев денеска пред Кривичниот суд.
На прашање што очекува од Апелација, Заев одговори дека очекува жалбата да биде прифатена, но како и да одлучи Судот ќе ја почитува одлуката.
Апелацискиот суд Скопје денеска треба да одржи седница на која ќе ја разгледува жалбата на одбраната на премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, која бара видеоснимките од посебните истражни мерки (ПИМ) да не бидат користени како доказ во судската постапка за случајот „Поткуп“, во кој Заев е обвинет.
Последната седница во Апелацискиот суд беше одложена бидејќи судијата известител за овој случајот е избран за судија во Врховен суд. Седницата беше одложена на неопределено време.
Адвокатите на Заев, претходно, од Кривичниот суд побараа да ги издвои овие снимки од доказниот материјал, но Судот го одби нивното барање и донесе решение тие да бидат доказ, по што поднесоа жалба до Апелацискиот суд.
Одбраната и Заев бара снимките да не бидат доказ бидејќи веќе биле објавени во јавноста, односно делови од нив биле ставени на видеосервисот „Јутјуб“, а потоа преземени и објавени од медиумите.
Заев во случајот „Поткуп“ е осомничен за барање и за земање поткуп во висина од околу 160 илјади евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов-Сачевалиев, во врска со легализација на земјиште.