петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Православните христијани утре го слават Бадник, задутре Божиќ

Православните христијани утре го слават Бадник, задутре Божиќ

Православните христијански верници во Македонија утре го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божиќ.

Бадник традиционално ќе биде одбележан со собир пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Манифестацијата ќе почне со бадниковата химна што ќе ја исполни Силви бенд и со кревање на бадниковото знаме.

бадник .jpg

Свештениците од Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ ќе ги осветат нафората, чајот и ракијата, како и бадникарските гранчиња, што годинашниот кум и здравичарот традиционално порано ги набраа на падините на Водно, а кои ќе им се делат бесплатно на присутните.

Здравицата годинава ќе ја каже здравичарот Стефан Хаџи Николов – Штеф, а на присутните ќе им се обратат кумот Влатко Огненовски-Шеф и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој потоа ќе му го врачи ќупот на новиот кум. Кумот и здравичарот ќе си заминат во пајтон.

Рано изутрина, пак, Рождеството Христово ќе го најават децата коледарчиња.

Деца бадникари Бадник

Македонскиот народ со многу внимание и почит ги одбележува овие празници. Божиќ е Господски празник и се празнува во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера.

Семејството на Бадник се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза.

Божик трпеза 1

Домаќините се трудат да принесат од се по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година. Се меси погача, а во некои места се прават зелници во кои се става паричка. Се верува дека оној кај кого ќе падне паричката ќе го следи среќа во текот на целата година. Пред почнувањето на вечерата на која сите се собрани, домаќинот ја благословува трпезата, го крши кравајчето, а некаде го дели зелникот, на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и дел за куќата.

Исто така, вечерта во огнот се става бадниково гранче кое се смета за најздраво дрво, за да бидат здрави сите во семејството. Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за Бадниковата вечер, во пресрет на Божиќ, најголемиот христијански празник. 

 

Најнови вести