недела, 17. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Пресметајте колку данок ќе треба да платите за увоз на возило

Пресметајте колку данок ќе треба да платите за увоз на возило

Увозниците на половни возила со повеќе забелешки на новиот Закон за моторни возила што стапи во сила од 1 јануари годинава. Според нив, новата законска регулатива ги поскапува поевтините возила, кои најчесто ги купува просечниот  македонски граѓанин, а луксузните автомобили ги поевтинува. Токму затоа тие реагираа до надлежните служби на Царинската управа, посочувајќи и други забелешки во однос на  практичната примена на овие законски измени.

Увозниците најмногу реагираат дека при пресметката на новиот данок за моторни возила нивните давачки значително се зголемуваат, возилата поскапуваат заради што се загрозува и нивното рентабилно работење. Тие, како што велат, даваат поддршката  да се увезуваат поеколошки возила, но сето тоа во корелација со куповната моќ на граѓаните за кои велат дека тешко може да си дозволи купување на поскапи возила.

За да нема заблуда и кај увозниците на возила и на купувачите, Царинската управа појаснува дека граѓаните овие давачки можат сами да ги пресметаат ако го користат калкулаторот кој е објавен на нивната веб-страница, кој е воспоставен за таа цел (линк на следната страна http://ite.customs.gov.mk:9070/userForm ).  Со калкулаторот може да се  пресмета колкав данок ќе треба да платите за купување на половно или ново моторно возило, оти се предвидени повисоки давачки за автомобилите кои имаат поголема емисија на штетни гасови, односно се помалку еколошки.

-За возила до 10.000 евра вредност, износот на данок ќе се пресметува само според емисијата на CO2 . Разликата во еколошката категорија на возилата ќе се отслика во висината на данокот и таа е различна за возила со дизел и бензински мотори. Возило со иста вредност и иста емисија на CO2 , ако е со бензински мотор ќе плати помал данок, а за дизел возилата данокот е поголем – предвидува новиот закон.

На пример, за сите возила со вредност до 10.000 евра и емисија на CO2 од 130 грама на километар, ако се со бензински мотор данокот ќе изнесува 6.500 денари а ако моторот е дизел тогаш данокот е двојно поголем. Според возниот парк во државата, процена е дека просечната емисија на CO2 е околу 170 г/км. Границата која е поставена за производителите на нови возила за 2020 година во ЕУ е 95 г/км CO2 . Во моментов просекот во земјите на ЕУ е 130-140 гр./км CO2 .

-За да се разјаснат одредбите на законот ќе организираме директно презентирање на законските одредби пред увозниците по региони и да се расчистат дилемите со кои се соочуваат во моментот увозниците, велат од Царината.

Тие дообјаснуваат дека во согласност со новиот закон, возилата со вредност до 10.000 евра се даночат исклучиво само по тоа колку загадуваат, а не како досега по вредност на возилото.

-Тие што имаат помали емисии на СО2 плаќаат помалку давачки од тие кој емитуваат повисоки износи на СО2. За возила со вредност над 10.000 евра пресметката се врши и по емисијата на СО2 и по вредност на возилата, објаснуваат од Царинската управа  и дополнуваат дека ако некој реши да купи автомобил во вредност од 29.500 евра со емисија на CO2 од 140 грама ќе плати 443 евра повеќе данок, за разлика од стариот закон се со цел да се заштити животната средина и да се намали загадувањето на воздухот.

Во однос на дилемите дали треба досега оцаринетите возила да платат данок потенцирано, од Царината велат дека тоа што е завршено по стариот закон не подлежи на дополнителна наплата на данок на моторни возила и возилата можат слободно да се продаваат на купувачите.

Од Царинската управа велат дека се подготвени да остварат дополнителна средба со сите засегнати страни со овој закон.

Извор: ВЕЧЕР

Најнови вести