Владата на Република Македонија на денешната седница ги дополни мерките за спречување на проширувањето на вирусот што ја предизвикува заразната болест КОВИД-19 со кои од 1 септември 2021 година домашните и странски државјани и за излез од територијата на Република Македонија на граничните премини ќе мора да приложат:
– Сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примени две дози на вакцина против заразната болест КОВИД-19; или
– Сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето; или
– Медицинска потврда со негативен резултат од PCR SARS-CoV-2 тест, направен 72 часа пред излез од територијата на Република Македонија, или негативен брз тест за антигени тела направен 48 часа пред излез од државата.
Владата ја дополни и одлуката за задолжителен домашен карантин во траење од 7 дена доколку при влез во државата немаат негативен ПЦР тест, или потврди за примена вакцина или за прележан КОВИД-19, при што времетраењето на карантинот може да се скрати на 5 дена доколку во тој период биде приложен негативен ПЦР тест. Ова важи и за домашни и за странски државјани. Трошоците за изолација на странските државјани е на нивни трошок.
Владата денеска донесе измени со кои се предвидуваат исклучоци од оваа мерка за наши државјани возачи на товарни моторни возила, како и за возачи на товарни возила странски државјани кои транзитираат низ земјата.
На денешната седница е усвоен и исклучок од мерката за транзит за авионските екипажи кои слетуваат на меѓународните аеродроми во земјата, според кој наместо 5 часа им се дозволува подолг транзит престој заради природата на нивната работа.