Велика Стојкова Серафимовска, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во своето гостување на радио Лидер зборуваше за состојбите во Охрид кој е под заштита на УНЕСКО каде посочи дека надлежните не го слушаат и не ги почитуваат одредбите на УНЕСКО.
-Сега ќе се кршат копјата околу Охрид. Еве министерката за култура нешто, има некои состаноци кои што се организираат, јас колку што знам веќе два имало во министерството за култура каде се собрани сите и министерот за транспорт и врски, целото тоа многу гломазно тело кое што е одговорно за Охрид. Ние за жал не го слушаме УНЕСКО и немаме еден центар па да кажеш во Охрид да биде еден центар и тој центар да ги управува сите работи, тој би бил центар за управување на Охрид и охридскиот регион, ама не се случува тоа, рече Стојкова Серафимовска.
Пратеничката во текот на своето гостување потенцираше дека советници во министерството за култура ги вреѓале експертите и професорите и тоа се случува затоа што се ставаат партиски војници да бидат државни советници.
-Последната изјава на министерката беше дека се оди во добар правец, но јас од мои информации колку што разбрав на тие состаноци ни од далеку не било во добар правец, туку напротив никој не можел да се разбере. Таму имало некои советници од министерството за култура кои ги навредувале и експертите, и професорите па и министрите така се однесувале, но тоа е така коа се ставаат партиски војници да бидат државни советници без грам култура во Министерството за култура, додаде таа.