четврток, 30. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ВМРО-ДПМНЕ: Правосудните органи денес имаат можност да ја исправат неправдата и да ги прекинат неаргументираните притвори за фабрикуваното обвинение за тероризам

ВМРО-ДПМНЕ: Правосудните органи денес имаат можност да ја исправат неправдата и да ги прекинат неаргументираните притвори за фабрикуваното обвинение за тероризам

Од ВМРО-ДПМНЕ денес соопштуваат дека изминуваат веќе 30 дена од неправедното притворање на невини луѓе, само заради политичка одмазда.

Во соопштението од партијата се наведува дека денес правосудните органи имаат можност да ја исправат неправдата и да ги прекинат неаргументираните притвори за фабрикуваното обвинение за тероризам.

-Денес судот има можност да покаже дека не е само слеп извршител на нечии нарачки и дека одлуките ќе се носат единствено врз база на правни аргументи. Фактите велат дека без никаков доказ, без ниту едно сторено дело претходно, уметници, оперски пејачи, архитекти, режисери, глумци, доктори, пратеници, полициски службеници, мајки на малолетни дечиња беа прогласени за терористи. Срамот да биде поголем судот им определи притвор ценејќи дека тие може да го повторат делото, да избегаат или да влијаат на истрагата, а сите немаа сторено ниту некаков прекршок во изминатите пест месеци, исто како што немаа сторено ништо и пред 27-ми април, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека судството и правниот систем не смеат да функционираат со двојни аршини, еден за Зоран Заев, а друг за сите останати граѓани.

-Граѓаните се сведоци како постојано се одложуваат судски рочишта за Зоран Заев, со извинувања од судиите дека го малтретирале, додека пак од друга страна експресно процесуираат предмети за членови на ВМРО-ДПМНЕ и експресно се доделуваат притвори за невини луѓе од настаните на 27-ми април. Притворените од немилите настани од 27-ми април кои се сместени во крајно никакви услови, изложени се на нехуман однос од страна на институцијата и Судот. Политичкиот прогон кој се случува мора и може да прекине уште денес. Судот и обвинителството мора да бидат свесни дека со продолжувањето на мерката притвор тие се соучесници во политичката пресметка и прогонот, се вели во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека прогонот и политичките пресметки мора да прекинат уште веднаш. Само на тој начин ќе докажеме дека Република Македонија има демократски капацитети, а правосудниот систем оди во права насока.

Најнови вести