Во зградата на ОН во Њујорк започна средбата на министерите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, со личниот пратеник на Генералниот секретар на Обединетите нации, Метју Нимиц. Според најавите министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас ќе имаат две средби, денес и утре на кои ќе присуствува и медијаторот Нимиц.
Двајцата шефови на дипломатии претходно во Обединетите нации беа на одделни средби со генералниот секретар, Антонио Гутереш. По оваа средба, македонскиот министер Никола Димитров на социјалната мрежа Твитер напиша: „Со визија и лидерство на двете страни, имаме историска шанса да затвориме еден повеќедецениски, историски спор“.
Грчкиот шеф на дипломатијата пак Никос Коѕијас во пресрет на преговорите од земјава побара прагматизам и реализам, а од посредникот Нимиц, мудрост во водењето на преговорите. „Јас велам дека сум ниту оптимист, ниту песимист, но имам волја да најдам решение. А треба и другата страна да има прагматизам и реализам за да најде решение. Од Нимиц ја очекуваме неговата мудрост за време на преговорите“, изјави Коѕијас.
Преговорите се поделени во две насоки, првиот и главен дел ќе биде биде посветен на политички прашања и дискусии меѓу министрите за надворешни работи. Во вториот дел во фокус е текстот на општата спогодба и правните прашања кои произлегуваат во контекст на дипломатското решение. Овие одделни технички детали се дискутираат во паралелен круг преговори, кои ќе се водат помеѓу работните групи.
– Ќе имаме преговори помеѓу експертите и преговори на министрите. Главните преговори, се разбира, и она кое нè интересира сите, се преговорите помеѓу министрите. Но, исто така, преговорите за експерти ќе го олеснат целокупниот пакет. Нимиц ќе биде единствено со министрите за надворешни работи, изјави Коѕијас.
Во пресрет на новата рунда разговори за името, од македонската Влада потврдија дека остануваат на ставот во однос на последниот предлог за името – Република Илинденска Македонија. Грција и официјално го отфрли предлогот „Република Илинденска Македонија“ оценувајќи го како иредентистички. Премиерот Ципрас одговарајќи на критиките на опозицијата изјави дека Грција преговара врз база на четирите имиња кои се содржат во пакетот предлози од Нимиц.