Група вработени во Јавното обвинителство се обратија до редакцијата на „Курир“ со писмо во кое го опишуваат својот проблем.
Имено тие во писмото кое го испратија до нашата редакција велат дека веќе подолг временски период се соочуваат со проблеми околу нивниот статус на вработени во Јавното обвинителство на Република Македонија.
-Како вработени во Јавното обвинителство, низ сите овие години во повеќе наврати пред истек на секој договор, навремено се обраќавме до надлежните за нашиот проблем, но за сето време ни беше ветувано дека ќе се изнајде соодветно решение и дека нашиот работен статус ќе биде трансформиран на неопределено време, но тоа никогаш се случи. Од страна на одговорните лица за работни односи во Јавното обвинителство, не може да се забележи подготвеност во сите овие години за соодветно решавање на нашиот работен статус. Поради тоа, секоја година со прекин на вработувањето се доведуваше во прашање егзистенцијата на нашите семејства и безмилосно се играше со човечките судбини на лицата вработени во оваа институција со договори на определено време, за на крајот конечно на 31.12.2019 година, со истекот на договорите да биде ставен крај на нашиот работен однос, се вели во писмото од групата вработени во ЈО.
Поради немањето слух на институциите за нивниот проблем, вработените се обратиле и лично до Јавниот обвинител, а од негова страна како што велат им било речено „да не напнуваат“ бидејќи имало време за тој проблем.
Но, сагата на овие луѓе не запира тука, проблемот не е решен, а се појавил нов, посериозен. Имено по прекинот на мандатот на работата на СЈО, кадарот кој беше таму вработен, остана без работа.
Актуелната власт предводена од Зоран Заев и СДСМ, постојано бараше нивно прераспределување во ЈО, а од друга страна, луѓето кои веќе работат во ЈО, со години молат за решавање на нивниот проблем.
Но, доколку се навратиме неколку години наназад, односно од почетокот со работа на СЈО, тие вкупно имаат пресуда за еден случај, а тоа е случајот „Тенк“ во кој беше обвинет и осуден поранешниот премиер, Никола Груевски.
Но исто така доколку во предвид ги земеме изјавите и анализите на правните експерти, тие велат дека случајот „Тенк“ повеќе наликува на пародија со која СЈО и СДСМ сакаа да ја замајуваат јавноста.
Четири години СЈО, четири милиони евра годишен буџет, епилог на сето тоа е правосилна пресуда за само еден „посериозен“ случај и милиони евра во плати и хонорари за обвинители и вработени во тоа обвинителство.
Големи хонорари кои достигнувале и повеќе стотици илјади евра, од хигиеничарка па се до обвинител, а епилогот на тоа обвинителство во моментов заврши со притворање на главната обвинителка, Катица Јанева, која во моментов е приведена како второосомничена во случајот „Рекет“.
Вработените во ЈО во своето писмо наведуваат дека решение за својот проблем побарале и од синдикатот, но и од таму молк.
– По истекот на договорот заклучно со 31.12.2019 година, ние веќе два месеци доаѓаме на работа, тековно и уредно ги извршуваме нашите работни обврски, бидејќи до сега од надлежните за цело време ни е ветувано дека ќе се изнајде решение за нас и дека нема да останеме без работа. Во меѓувреме, добивме информација дека за да се реши нашиот работен статус на неопределено време потребно е да се обезбедат финансиски средства од Министерството за финансии, како и мислење од Министерството за информатичко општество и администрација. Министерството за финансии ги одобрило бараните финансиски средства, но повеќе од еден месец се очекуваше мислењето од МИОА, која улога беше клучна во насока на позитивно решавање на нашиот статус. Всушност, според кажувањата мислењето од МИОА пристигнало негативно од причина што, барањето до институцијата од ЈОРМ било пратено со задоцнување по истекот на законски предвидениот рок, која околност е технички пропуст на службите во ЈОРМ, очигледно од тенденциозни побуди, се вели во нивното писмо.
Согласно Законот за јавно обвинителство кој беше изгласан, во чл.24 од истиот, предвидено е на стручните соработници, техничкиот кадар и административците од Специјалното јавно обвинителство, да им биде регулиран работниот однос со прераспоредување. Ова го потенцираме од причина што, чувствуваме дека правдата е селективна, за тие лица се изнајде решение, а за нашите судбини очигледно никој не пројавува интерес, потенцираат во писмото.
Вработените револтирани, а од друга страна беспомошни немајќи кој да им помогне, Зоран Заев и СДСМ три години немаат слух за нивниот проблем.
Ристе Здравков