сабота, 11. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Касами ќе бара помош од Владата за штетите по поплавите во Тетово

Касами ќе бара помош од Владата за штетите по поплавите во Тетово

Значителна материјална штети по имотите на граѓаните и институциите на локално ниво е причинета по вчерашното невреме во Македонија, а кое особено го зафати Тетово. Градоначалникот Биљал Касами по одржаната седница вчера попладне на Општинскиот кризен штаб информираше дека за надминување на состојбата ќе се бара помош и од Владата.

-Неадекватните инвестиции во делот на атмосферската канализација дадоа резултат на тоа повеќе од улиците, повеќе од булеварите и кружени текови да бидат блокирани и беа под вода. За жал, дел од таа вода отиде во подрумите на куќите, особеново делот кај Тетовчанка, Тетекс, и во целото градско подрачје кое е во долниот дел на градот. Исто така беа поплавени некои од јавните институции во ситуацијата, училишта и градинки. Од сабајле сум на терен со противпожарната и спасителна екипа во рамките на Општина Тетово каде интервениравме и дел од проблемите ги решаваме во од. Во ситуацијата интервенираме и за испумпување на водата од подрумите на граѓаните, изјави Касами.

Кризниот штаб донесе и повеќе заклучоци според кои ќе се бара помош од Владата за надоместување на штетите, чистење на речните корита, како и помош и од град Скопје за чистење на улиците.

-Ќе воспоставиме контакт број за пријавување на штетите од страна на граѓаните,воспоставување континуирана комуникација со Центарот за управување со кризи, полицијата и Дирекцијата за заштита и спасување во врска со преземањето на мерки на претпазливост за избегнување на поголеми штети. Да се интервенира во делот на атмосферската канализација (долгорочно) и да се провери исправноста на водата за пиење, истакна вчера Касами.