Во соработка со парнерите од општина Ново Брдо-Косово во Центарот за култура во Општина Ѓорче Петров се одржа првиот јавен консултативен настан за почетокот во изработката на ЛЕАП-локален економски акциски план на општината.
Ваков стратешки документ во Општина Ѓорче Петров последен пат е изработен во 2005 година со важност до 2012 година.
Овој проект кој е од исклучително значење за животната средина е проект од Програмата за прекугранична соработка, дел од IPA II-Програмата за прекугранична соработка, финансиран од Европската Унија.
Основната цел на овој документ е да креира повеќегодишна стратегија и политики за заштита и унапредување на животната средина и природата. Процесот на негова изработка ќе трае неколку месеци, при што ќе се работи интензивно, континуирано и квалитетно.
При изработката на ЛЕАП документот ќе биде вршена и детална анализа на заедницата, а ќе се изврши анализа на проблемите во петте медиуми во животната средина (воздух, вода, отпад, почва и искористеност на земјиштето и природа). За да се постигне целта, односно да се изработи квалитетен и објективен документ, потребно е во овој процес да се вклучат јавноста и сите чинители од локалната самоуправа, што беше целта и на настанот.
Општина Ѓорче Петров првпат во партнерство со општина од соседна држава започнува реализација на заеднички партнерски капитален проект, чие позитивно влијание е од регионална важност и значење. Изградбата на пречистителната станица во с.Орман која е во почетна фаза е исто така резултат на овој проект.