Од утре се укинува бесплатниот превоз, потврди скопскиот градоначалник Петре Шилегов на денешната прес-конференција на која го презентираше Буџетот за Град Скопје за 2018 година.
– Мерката ќе важи денеска, а од утре се враќаме во редовниот режим на функционирање имајќи предвид дека се изменети климатските услови кои доведоа во воведување на вонредните мерки. Станува збор за мерки за кои имаме прецизно утврдени нормативи кога ќе се применуваат и секогаш кога ќе бидат исполнети условите, овие мерки ќе се применуваат, рече Шилегов, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој смета дека граѓаните не ја искористиле вонредната мерка за бесплатен јавен превоз, но, како што посочи, има разбирање за тоа бидејќи концептот за јавен градски превоз е сосема погрешен.
– Токму затоа вложуваме средства во изработка на нов јавен градски превоз во 2018 година. Загадувањето е работа во која сите мора да партиципираме како граѓани. Моја должност како градоначалник е да да ги носам одлуките за да ја подобриме животната средина и амбиенталниот воздух, истакна Шилегов.
Мерката за бесплатен јавен превоз беше воведена вчера поради високата загаденост на воздухот во изминатите два дена.