Фудбалскиот клуб Еуро Спорт од Куманово во 2017 година успеа да оствари значајни успеси во повеќе категории, а постигнатите резултати во последните години влеваат оптимизам дека екипата е на вистинскиот пат.
Во изминатата 2017 година Еуро Спорт во натпреварувачкиот дел имаше одлични моменти во неколку категории и тоа- пионери, помлади пионери, како и настапите во детските лиги.
Токму пионерите и помладите пионери со прикажаните игри доминираа во есенскиот дел во источниот регион и најавија дека се подготвени да атакуваат на првата позиција и пласман во повисок ранг на натпреварување.
Евентуалниот пласман во втора лига на овие категории ги отвара вратите за настап на Еуро Спорт во уште две категории, во кадети и младинци.
За успешните резултати на екипата големи заслуги имаат и тренерите Далибор Трајчев, Ивица Јовановски, Мартин Тодоровски и Никола Стојановски, а тие вложија голем труд екипата успешно да ги помине искушенијата во изминатата година.
Плановите за 2018 година се амбициозни и тие подразбираат остварување на нови можеби уште поголеми успеси на терените во Македонија и пошироко.
ФК Еуро Спорт има воспоставено одлична соработка со Академија Пандев, што ќе овозможи размена на идеи и искуства во интерес на понатамошниот развој на двата клуба.
Во тој контекст екипата од Куманово годинава ќе земе учество на силен меѓународен турнир во Струмица на кој ќе учествуваат неколку реномирани тимови од Европа.
Досега учество на турнирот потврдиле Наполи, Интер, Лацио и Џенова од Италија, Рединг од Англија, Партизан од Србија и Лудогорец од Бугарија. Воедно ова ќе биде шанса за нови успеси на кумановски клуб, кој како што кажаа ќе се обидат да остварат што подобри резултати на силниот турнир.
Првиот човек на клубот, а воедно и сопственик е познатиот спортски работник и некогаш фудбалер на ФК Куманово, Александар Маневски, кој вложи голем труд клубот да работи стабилно. Вредно е да се спомене дека во екипата тренираат на 100 дечиња кои имаат одлични услови за севкупен напредок во фудбалската игра. Долгорочната визија на Еуро Спорт е да стане стабилен клуб во сите сегменти, а според она што го имаат остварено изминатите години на најдобар пат се да успеат.
Претседателот Маневски најави дека ќе стори се неговиот клуб да успее во зацртаните цели. А за тоа е подготвен да работи со уште поголемо темпо.