Фудбалската федерација на Босна и Херцеговина одлучи за нов селектор да го постави Саво Милошевиќ. Поранешниот југословенски и српски репрезентативец наскоро ќе ја преземе функцијата и ќе се обиде да го крене националниот тим од лошата резултатска серија.
Милошевиќ ќе биде дури трет селектор на БиХ во овој квалификациски циклус, а неговиот претходник, Мехо Кодро, заработи отказ по само два меча минати на клупата. Новиот селектор во минатото беше тренер на белградски Партизан, со кој го освои Купот на Србија, а беше дел и од Олимпија Љубљана.
Во активната кариера, Саво Милошевиќ беше квалитетен напаѓач и играше за повеќе еминентни клубови како Астон Вила, Парма, Сарагоса, Еспањол, Селта Виго, Осасуна и Рубин Казањ. Новиот предводник на БиХ ќе има тешка задача да го поправи впечатокот во квалификациската група за Европското првенство, каде Босанците имаат само шест освоени бода од исто толку одиграни натпревари.
Официјалните детали од договорот сѐ уште не се познати, но се претпоставува дека Милошевиќ се обврзал на двегодишна соработка со Босанската фудбалска федерација.