МЗТ е во низа од осум натпревари без победа, но и ФМП на последните три средби незнае за победа.
Жељко Лукајиќ тренер на МЗТ Скопје Аеродром, на овој меч не ќе може да смета на неколкумина повредени играчи, но се надева дека останатите со поголема ангажираност, пред се, во одбраната, ќе го надополнат тоа.
– Лошо е што во моментов имаме голем проблем со неколку повредени играчи, на кои речиси сигурно нема да може да сметаме, што ми создава големи главоболки. На нас е успешно да ги замениме отсутните кошаркари, да дадеме се од себе и да пробаме со победа да го кренеме расположението. Шансата треба да ја бараме во тимската игра и силната енергија, заедно со голема агресивност на сите петмина на паркетот. И секако, да ја запреме одличната игра два на два на ФМП, која е нивно најсилно оружје, изјави Лукајиќ.
Покрај Марко Симоновски, на повреда се жали и Дарко Соколов, па нивниот настап на вечерашната средба е ставен под знак прашалник.
Македонскиот првак е последен на табелата со само две победи и дури десет порази, додека екипата на ФМП има 5 победи и 7 порази и е во групата на екипи од шестото до десеттото место.
Дуелот, МЗТ Скопје Аеродром – ФМП кој е воведен во 13. коло во АБА лигата, ќе се игра вечерва во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 20 часот.