Кошаркарската федерација испрати информација до медиумите дека се утврдени системот, календарот и распоредот за натпреварување во натпреварувачка сезона 2022/2023 година.
Повикувајќи се на член 10 од Правилникот за натпреварување во сениорските лиги, системот за натпреварување во Првата лига-мажи е усвоен со мнозинството на гласовите.
Измените се образложуваат со ситуацијата поради пандемијата од „Ковид-19“, која се уште е актуелна, наспроти се поизвесната енергетска криза, со цел намалување на трошоците на екипите.
Во пракса, тоа значи настап на 12 екипи, со 11 натпревари на домашен и 11 натпревари на гостински терен, по принцип „секој со секого“ (ФИБА – Бергер).
Есенскиот дел на првенството ќе стартува на 8-ми октомври и ќе трае до 24 декември, додека втората половина треба да започне на 21 јануари 2023 година и да трае до 22 април.
Меѓу другите одлуки, усвоено е преодниот рок за сезоната 2022/2023 да заврши заклучно со 01.03.2023 година.
За нов претседател на здружението на клубовите од Првата лига-мажи избран е претставникот на КК „Гостивар 2015“, Стојмир Дејаноски.