Каменос има потенцијална одговорност ако ми се случи нешто мене и на моето семејство, пишува Никос Коѕијас во тужбата, што преку неговиот адвокат ја покрена против претседателот на Независни Грци и поранешен министер и коалиционен партнер во грчката Влада.
Поранешниот шеф на грчката дипломатија, смета дека со лагите и дезинформациите што ги ширел Панос Каменос, нарушени му се честа, угледот и достоинството.
-Прекршоците се: клевета, закана, поттикнување закана, ширење лажни вести и нарушување на парламентарната демократија во член 157 од Кривичниот законик односно односите на Парламентот со пратениците, рече Христос Куцинасиос, адвокатот на Коѕијас по доставувањето на тужбата.
Во тужбата, поранешниот шеф на грчката дипломатија истакнува дека постојат уценувачи кои му се заканувале, кои го клеветеле, со цел да ја оцрнат и самата политика што тој ја водел, а тоа е Договорот од Преспа. Коѕијас пишува дека уценувачите ширеле три лаги за да го принудат да замолчи: дека зел 50 милиони евра од Сорос, дека крадел пари од тајните фондови на грчкото Министерство за надворешни работи и оти на нелегален и за него профитабилен начин одбрал компанија за издавање визи.
– Верувам и неопходно е судот да ме заштити. Би сакал исто така да кажам и да изјавам пред грчката правда дека тоа што методично бев на негова мета од летото 2018, го прави потенцијално одговорен ако ми случи било што лошо на мене и на моето семејство, по нашето физичко и ментално здравје, пишува поранешниот министер за надворешни работи на Грција и лидер на движењето „Прато“ на крајот од тужбата.
Откако адвокатот на Коѕијас ја достави тужбата, преку неговиот официјален Твитер профил се огласи Панос Каменос.
-Подготвен сум и ќе ги доставам сите докази до правдата од кој толку се плаши, напиша Каменос на Твитер.