Членките на НАТО и ЕУ се движат кон конфлик во својата кавга околу разграничувањето, предупредува германскиот весник Хандесблат и истакнува дека не е исклучена ни употреба на полициска сила. Водечкиот германски бизнис весник смета дека сите знаци укажуваат на тоа дека следи бурен период во хрватско-словенечките односи поради Пиранскиот Залив, во кој не е исклучен ни „оружен конфликт”.
„Во Петок Словенија планира да почне со имплементација на пресудата од летото во меѓународната арбитража, според која на оваа земја ѝ припаѓаат две третини од заливот. „Словенечката полиција ќе ја преземе контролата над нашето море”, најави словенечкиот премиер Миро Церар. Хрватска ќе се спротивстави на тоа, бидејќи ја смета арбитражата за неважечка”, пишува Хандесблат.
Се истакнува дека „ЕУ потроши доста енергија за да ги натера двете петлиња на арбитражен процес” и дека тогаш Словенија „поприлично ги прекршила процесните правила”, поради што во 2015 година Хрватска излезе од арбитражата. Сепак, арбитражата продолжи и во конечната одлука Словенија подобро помина на море, а Хрватска со копнената граница.
„Ситуацијата за Хрватска дополнително може да се влоши” бидејќи Словенија најави блокада на пристапот до шенгенскиот простор, еврозоната и Организацијата за европска соработка и развој. „За време на божиќните празници голем број туристи се жалеа на километарските колони на хрватско-словенечката граница. Загреб смета дека станува збор за намерен потег на соседот, за да се наштети на туризмот”, пишува германскиот весник.
Како еден од примерите за решавање на конфликтот весникот го наведува договорот меѓу Германија и Холандија за заедничкото управување со заливот Доларт, но истакнува дека Словенија инсистира на спроведување на арбитражната пресуда и најави меѓународни тужби против Хрватска.
На крајот Хандесблат прашува зошто е Хрватска толку непопустлива околу разграничувањето во Пиранскиот Залив, „иако има брег од 1.800 километри, а Словенија од само 47 километри”, и одговорот го нуди во „длабоката национална траума од граѓанската војна во 1991-1995″, за време на кој српското малцинство сакало да „отцепи третина од земјата”. „Од тогаш во Хрватска важи мантрата дека никому не смее да му се даде ни сантиметар хрватска земја”, заклучува Хандесблат.