Четири опозициски партии од левиот центар во Словенија денеска поднесоа барање до Парламентот за прогласување вонредна состојба во областа на животната средина и климата, откако сличен обид во февруари не успеа да мине собраниски комитет.
Тие предложија прогласување кризна состојба поради глобалното затоплување, влијанието на климатските промени врз животната средина, состојбата на биодиверзитетот, исцрпување на природните ресурси, влошените услови за живот и намалената способност за обновување на Земјата, пренесува СТА.
– Веруваме дека и во Словенија стана познато дека e неопходна вонредна состојба во однос на животната средина и климата поради најголемата закана за постоењето на човештвото, рече Дејан Жидан, пратеник од Социјалдемократите (СД), една од партиите која ја поднесе иницијативата.
Едвард Паулиќ од Листата на Марјан Шарец (ЛМС) го цитираше генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш во неговиот повик до глобалните лидери да прогласат кризна климатска состојби во нивните земји и истакна дека досега тоа го сториле 33 земји со над 800 милиони жители.
Словенечкиот министер за заштита на животната средина Андреј Визјак неодамна соопшти дека Владата ќе расправа за долгорочна климатска стратегија до 2050 година во првите неколку месеци од следната година. (МИА)