Една жена го загуби животот, а нејзиниот 10-годишен син е полесно повреден откако во текот на ноќта се одронила огромна карпа и паднала врз хотелот во кој престојувале во туристичкото место Агиа Фотја во близина на Јерапетра во југоисточниот дел на грчкиот остров Крит, јави дописничката на МИА од Атина.
Карпата паднала врз собата од хотелот во која престојувало тричленото семејство, кое според локалните медиуми, денеска го завршувало одморот.
Животот го загуби 45-годишната жената, нејзиниот син е полесно повреден, додека пак мажот кој е без повреди бил во делот од собата што останал недопрен од карпата.
Од противпожарната служба на Грција соопштија дека во спасувачката акција учествувале 50 пожарникари со 20 возила, спасувачки екипи волонтери и претставници од општините и било извлечено безживотното тело на жената.
Акцијата за пронаоѓање траела над четири часа, а од падот на карпата уништени се уште неколку соби, кои за среќа биле празни.
Според командантот на противпожарната служба на Крит, Јоргос Цикалакис, на полноќ добиле повик за пад на карпата врз хотел по што веднаш почнала акцијата.
-Успеавме да извлечеме повредено, но во добра состојба 10-годишно момче заедно со неговиот татко, а нашите сили се концентрираа во потрагата по исчезнатата сопруга на спасениот, чие безживотно тело беше пронајдено, рече Цикалакис за грчките медиуми.
Хотелот со соби за изнајмување е сместен на падините на планина и во близина на плажата.
Претседателот на здружението на хотелиери од Јерапетра за грчката новинска агенција АНА-МПА вели дека „се шокирани од трагичниот настан што никој не можеше да го предвиди“. (МИА)