Возачот на косовскиот автобус, во кој во неделата загинаа 10 патници, а повеќе од 40 беа повредени, се бранеше денеска со молчење за време на испрашувањето во окружното државно обвинителство во Славонски Брод, пренесуваат регионалните медиуми.
-Го испрашував пријавениот кој се бранеше со молчење. По ова, ќе се донесе одлука за спроведување истрага поради основано сомнение за сторено кривично дело. Ќе биде предложен и истражен затвор, за кој ќе се одлучува на утрешното рочиште закажано за 9 часот, изјави Фрањо Копунич, претставник од обвинителството.
Тој потврдил дека на возачот му е доделен адвокат по службена должност.
По сослушувањето, возачот е вратен во притвор. Според поднесената кривична пријава, возачот на автобусот се соочува со затворска казна од шест месеци до 15 години.