среда, 29. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Грабеж на векот: Објавени детали и снимка од грабежот во Дрезден 

Грабеж на векот: Објавени детали и снимка од грабежот во Дрезден 

Германската полиција објави видеоснимка од вчерашниот грабеж во музејот „Зелен трезор“ во Дрезден. Акцијата траела неколку минути, а украдениот накит е од непроценлива вредност.

Ограбувачите имале батериски лампи и секири. На снимките од безбедносните камери, кои работеле и по прекинот на струјата, се гледа како еден од крадците со секира го крши стаклото на витрините и зема накит.

Според официјални податоци, станува збор за најголемиот грабеж на уметнички предмети по Втората светска војна. Натрапниците вчера влегле во историскиот дел на музејот, што се состои од два дела, и каде што се чуваат околу 4.000 скапоцени предмети од слонова коска, злато, сребро и скапоцени камења. Во првиот оддел се чуваат скапоцености од периодот на полскиот крал Август Втори Силниот, кој владеел 1687 – 1733 година, а во другиот, нов оддел, има колекции на поединци.

Директорката на музејот Марион Акерман изјави дека украдените дела се од непроценлива вредност и оти е невозможно да се продадат на пазарот.

Полиција сè уште трага по двајца осомничени. (МИА)