Повеќе од 120 држави минатата седмица се спротиставија на одлуката на американскиот претседател и гласаа за резолуијата на ОН која ги повикува САД да се откажат од признавањето на Ерусалим за главен град на Израел.
Израелската заменик министерка за надворешни работи, Тзипи Хотовели изјави дека уште десет земји размислуваат за признавање на Ерусалим за главен град на Израел откако тоа после САД го најавија и властите на Гватемала.
Гватемала и уште шест други држави, покрај САД и Израел, гласаа против резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации. Останатите шест држави беа Хондурас, Маршалските острови, Микронезија, Науру, Палау и Того.
Хотовели не именуваше ниту една од 10-те споменати земји, но истакна дека многу од нив имаат силна христијанска традиција. Филипините, Чешка и Романија беа државите кои што беа воздржани на гласањето и сега се појавија информации дека може да го следат примерот на САД и Гватемала во догледно време.
Чешкиот претседател Милош Земан самиот веќе изјави дека го поддржува преместувањето на амбасадата од Тел Авив во Ерусалим, иако потоа шефицата на Европската унија за надворешна политика, Федерика Могерини истакна дека чешкиот министер за надворешни работи ѝ ветил дека Прага нема да нареди преместување на амбасадата.
Меѓу државите кои беа воздржани на гласањето, исто така беа Аргентина, Канада, Хрватска, Унгарија, Летонија, Мексико и Полска, па се шпекулира дека можно е некоја од овие земји да го следи чекорот на САД и Гватемала, покрај шпекулациите за Филипините, Чешка и Романија.
Статусот на Ерусалим е едно од најчувствителните прашања и пречка во мировниот договор помеѓу Израелците и Палестинците. Палестинците го сакаат источниот дел од Ерусалим за кој што сметаат дека треба да биде престолнина на нивната држава, а Израелците тврдат дека тоа е израелски град уште од времето на Давид.
Треба да се спомене дека пред 1980-та година, амбасади во Ерусалим имаа Гватемала, Боливија, Чиле, Колумбија, Костарика, Доминиканска Република, Еквадор, Салвадор, Хаити, Холандија, Панама, Венецуела и Уругвај.
Израелскиот закон од 1980-та година со кој Ерусалим беше прогласен за „неделива и вечна престолнина на Израел“, резултираше со резолуцијата на Советот за безбедност при Обединетите нации во која што беше побарано од споменатите земји да ги преместат своите амбасади од Ерусалим во Тел Авив каде што се моментално.