Тајландската полиција го уапси еден од лидерите на јапонската мафија Јакуза после 13 години бегство со помош на фотографија од неговото тетовирано тело која што се појавила на интернет.
72-годишниот Шигехару Шираи бил приведен во текот на вчерашниот ден во Лопбури, мал град на Тајланд.
„Осомничениот призна дека е лидер на подгрупата Јакуза Кодокаи, но не и дека учествувал во извршувањето на убиството поради кое што се наоѓа под истрага“, изјави портпаролот на тајландската полиција, додавајќи дека таа група е дел од една од најголемите банди на Јакуза – Јамагучи-Гуми.
Јапонските власти озлогласениот мафијаш го бараат поради учество во убиството на неговиот ривал во 2003-та година. Набрзо после убиството, Шираи побегнал од земјата и заминал на Тајланд каде што се криел и се оженил. Тајната за неговото „засолниште“ се чини дека била прилично добро сочувана се додека локален весник не објавил слика на еден слаб човек со голема тетоважа на телото и без врвот од малиот прст.
Фотографијата веднаш станала вирална на интернет и за неколку часа била споделена над 10 илјади пати, по што го привлекла вниманието на јапонската полиција од каде што биле контактирани властите од Бангкок и било побарано од нив да го истражат случајот.
Тој набрзо потоа и официјално бил уапсен поради нелегален престој на Тајланд затоа што немал пасош и виза, па наскоро ќе биде екстрадиран во Јапонија. Според тајландската полиција, тој 13 години живеел повлечен живот и добивал пари два или три пати годишно од еден Јапонец кој го посетувал.
Јакуза бандите кои што функционираат како мафија, со векови се дел од јапонското општество и се проценува дека мафијата брои дури 60 илјади членови. Најголемиот дел од нивниот имот е стекнат илегално преку обложување, проституција, трговија со дрога и сајбер хакирање.