Хуманитарната канцеларија на ОН соопшти дека е во напредни разговори со сите страни во конфликтот за да се осигура дека операцијата за помош во Газа наскоро ќе почне.
– Ние сме во длабоки и напредни преговори со сите релевантни страни за да обезбедиме операцијата за помош во Газа да започне што е можно побрзо и со соодветни услови, рече Јенс Лаерке, портпарол на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања.
– Охрабрени сме од извештаите дека различните страни се блиску до договор за модалитетите и оти првата испорака треба да започне утре-задутре, додаде тој.
Египет тврди дека израелски напади ја погодиле областа околу преминот Рафа четири пати од почетокот на воздушното бомбардирање на Газа.
Египетските медиуми соопштија дека преминот бил затворен по трите израелски напади на 9 и 10 октомври, во кои имало повредени луѓе и била причинета и материјална штета на египетската и палестинската страна.
Би-Би-Си на почетокот на неделава потврди дека во воздушен напад била погодена областа околу преминот, оштетувајќи ја зградата на палестинската страна на преминот, како и патот.
Египет сега вели дека ја отворил својата страна од преминот кон Газа, но останува нејасно кога ќе биде отворена страната на Газа.
Американскиот претседател Џо Бајден претходно неделава изјави дека возилата нема да можат да влезат најрано до петок, бидејќи прво треба да се поправат дупките на патот.
– Тие ќе го закрпат патот. Мора да ги пополнат дупките за да поминат камионите.
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш утрово пристигна во северниот дел на Синајскиот Полуостров.
-Речиси две недели Газа беше без никакви испораки на гориво, храна, вода и лекови. ОН ги фокусираат сите свои напори на одржлива операција за испорака на критична хуманитарна помош до жителите на Газа“, рече портпаролот на ОН во објава на социјалните мрежи.
Гутереш, кој допатува на Блискиот Исток за да обезбеди премин на хуманитарна помош за Газа, вчера во Каиро се сретна со египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри
-Речиси две недели жителите на Газа останаа без никакви пратки на гориво, храна, вода, лекови и други основни работи. Се шират болести. Залихите се намалуваат. Луѓето умираат, рече генералниот секретар на ОН на заедничка прес-конференција со Шукри.