сабота, 18. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ОН: Околу 9.300 цивили убиени во Украина од почетокот на војната

ОН: Околу 9.300 цивили убиени во Украина од почетокот на војната
АП

Според потврдени податоци на Обединетите нации, од почетокот на руската инвазија врз Украина во земјата се убиени околу 9.300 цивили, а над 16.300 се повредени, јави украинската агенција Укринформ.

-Според Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права (од почетокот на руската инвазија), 9.287 цивили се убиени, а 16.384 се повредени, главно во гранатирање од страна на руските вооружени сили, изјави заменик генералниот секретар на ОН за политички прашања, Розмари Дикарло, на седница на Советот за безбедност.

Податоците на ОН покажуваат дека 537 од загинатите и 1.117 од повредените се деца.

Дикарло појасни дека ова се само потврдени бројки и веројатно реалниот број на жртви е далеку поголем. Таа додаде дека Украина е земја со најголем број убиени и повредени деца и најголем број напади врз училишта и болници во 2022 година.

Мисијата на ОН за човекови права во Украина извести дека во последните 500 дена биле убиени три пати повеќе цивили отколку во борбите во источна Украина во последните осум години, додава Укринформ.