четврток, 30. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Севернокорејците случајно со ракета погодиле сопствен град со 200 илјади жители?

Севернокорејците случајно со ракета погодиле сопствен град со 200 илјади жители?

Севернокорејската армија случајно го погодила својот град со проектил после лансирањето на една од своите ракети. Овие информации први ги открија јужнокорејските новинари, за потоа веста да одекне во целиот свет.

Сателитските снимки ја откриваат штетата која што била направена после неуспешното тестирање на ракетата. Имено, ракетата го погодила градот Токчон каде што живеат околу 200 илјади жители.

Ракетата од среден домет „Хвасонг КН-17“ била лансирана од Пукчанг во провинцијата Јужен Пјонган. Таа е оддалечена околу 64 километри од севернокорејскиот главен град Пјонгјанг, а инцидентот се случил наводно на 28-ми април минатата година, што значи дека севернокорејските власти тоа успешно го криеле досега.

Ракетата набрзо после лансирањето се срушила и ги уништила земјоделските земјишта и некои индустриски објекти. Неименуван извор открил дека ракетата паднала, а сателитските снимки направени на 18-ти мај покажа дека на тоа место каде што се тврди дека се срушила ракетата, постојат значајни оштетувања.

Јужнокорејски функционер кој што бил добро запознаен со ракетната програма на Северна Кореја, открил дека ракетата летала околу една минута пред да се расипе моторот и да се сруши после поминати 40-тина километри. Доколку не се случело ова, ракетата требало да се сруши во северните делови на Јапонското море како што е вообичаено.

Северна Кореја во ноември минатата година ја лансираше својата најмоќна ракета досега за која што властите од Пјонгјанг се пофалија дека е способна да погоди било која мета на Земјата.

На лансирањето лично присуствуваше првиот човек на државата кој што ја обиколи платформата пред самиот чин. Ракетата летала околу 50 минути пред да ја достигне соодветната висина и на крајот да падне во Јапонското море.

Инаку, Северна Кореја во текот на вчерашниот ден повторно ги отвори преговорите со Јужна Кореја кои што беа стопирани подолго време. Тоа се случи само неколку часа подоцна откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека има „копче“ за нуклеарно оружје кое што за разлика од тоа на севернокорејскиот претседател Ким Јонг Ун – навистина функционира.