понеделник, 18. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Шифт Проџект: Европа би можела да има проблеми со снабдувањето со нафта и деривати

Шифт Проџект: Европа би можела да има проблеми со снабдувањето со нафта и деривати

До крајот на оваа деценија, Европа би можела да има проблеми со снабдувањето со нафта и деривати, се наведува во студијата објавена од француската непрофитна организација „Шифт Проџект“ (Shift Project).

Како што пренесува „Јуроп Тудеј“, студијата предвидува дека производството на нафта би можело да падне побрзо отколку најголемите европски економии да се префрлат на „чиста енергија“, што според списанието е уште една причина земјите на ЕУ што поскоро да се фокусираат на „свет без нафта“.

Студијата се однесува на проценките дека вадењето нафта во Русија и земјите од поранешниот Советски сојуз веќе го достигна својот врв и е во опаѓање, а токму од тие извори доаѓа околу 40 отсто од нафтата што ја користи европскиот пазар.

Драстично намалување е предвидено и во блиска иднина за нафтата со потекло од Африка, која опфаќа 10 проценти од европскиот пазар, што дополнително ги загрижува медитеранските земји.

Пандемијата на Ковид -19 влијаеше и на нафтениот пазар, пишува весникот. За да се намали ризикот од големи последици од пандемијата, најголемите нафтени компании се принудени да ги намалат планираните инвестиции за 25 проценти или изразено во пари – повеќе од 35 милијарди евра. (МИА)