Во Австрија поради високата стапка на инфлација се зголемуваат платите на политичарите, додека вработените во различни стопански гранки сè уште преговараат за нов колективен договор односно за зголемување на платите по автоматизам.
Австриската Ревизорска институција го проследи до Владата „факторот на адаптација“ односно процентот, со кој од 1 јануари ќе се зголемат платите на државните функционери. Како основа е земена инфлацијата од јули 2021 година до јуни годинава, што изнесува 5,3 отсто.
Со тоа значително ќе се зголемат приходите на, на пример, претседателот на Австрија за 1.344 евра месечно, и неговата бруто месечна плата ќе изнесува 26.701 евро. Платата на канцеларот ќе биде зголемена за 1.200 евра, на 23.840 евра. Додека платите на пратениците ќе бидат повисоки за 497 евра, на 9.832 евра. Зголемувањето на платите стапува во сила автоматски, освен ако Парламентот не донесе одлука платите на политичарите да не се усогласуваат на стапката на инфлација.
Додека владејачките партии, Народната партија (ОВП) и Зелените молчат, Социјалдемократската партија (СПО) и Партијата на слободата (ФПО) бараат да нема автоматското усогласување на платите на инфлацијата.
Лидерот на ФПО, Херберт Кикл дури побара да се намалат платите на членовите на Владата, како и на „лажната опозиција“, поради лошото водење на политиката од карантинот за време на пандемијата до санкциите воведени кон Русија.