Заборавете на непишаните правила и престанете да верувате дека некој „едноставно не е за вас“. Прескокнете ги сите совети за тоа како да се покажете во најдобро светло пред личноста што ве привлекува. Луѓето кои се искрено задоволни со своите романтични избори трошат повеќе енергија работејќи на својот сопствен развој отколку да бидат попривлечни за потенцијалниот партнер. Фокусирајте се на овие 4 принципи и дозволете времето да ви покаже кој е вистинскиот избор за вас.
1. Спознајте се себеси
Пред да се одлучите да започнете врска со некого, неопходно е да се спознаете себеси, и не само во емотивен туку и во сексуален поглед. Можеби имате нереална надеж дека некој друг ќе ве разбере и ќе ве усреќи – дури и кога вие самите не се разбирате себеси. Важно е директно да комуницирате со партнерот за вашите емоции и вашата сексуална страна. Не можете да очекувате другите интуитивно да сфатат кои сте вие и што ви е потребно. Анализирајте ги вашите емоционални реакции и разговарајте со луѓето за тоа како се чувствувате или што забележувате за себе.
2. Научете да верувате во она што луѓето го покажуваат и кажуваат за себе
Вообичаено е да го рационализираме лошото однесување на личноста доколку таа нè привлекува. Доколку личноста не ве почитува и ве изневерува, тоа веќе кажува многу работи за нејзиниот карактер. Доколку личноста ви каже дека „ѝ треба повеќе простор“ или дека не бара „ништо сериозно“, нека ви биде сигнал дека можеби не ги посакувате истите работи. Не занемарувајте го однесувањето на другите. Ако се однесуваат незрело, без почит, или пак ве навредуваат со своите постапки, знаете што треба да направите. Не е ваша работа да му помогнете некому да се подобри, ваше е само да работите на сопствениот развој.
3. „Оддалечете“ се од родителите
Ова не е лесна задача и иако многумина сметаат дека го направиле тоа, сепак во реалноста не е така. Колку што е можно, работете на тоа да бидете независни од родителите. Тоа не значи да не поминувате време со нив и да им споделувате работи за вашиот живот. Напротив. Но, треба да бидете свесни дека самите треба да донесете одлука. Не дозволувајте тие да ви го контролираат животот така што постојано ќе барате од нив мислење, уверување или некакви насоки. Исто така, не треба да верувате дека личноста со која ќе имате романтична врска ќе се грижи за вас на начинот на кој се грижат вашите родители. Научете да го контролирате сопствениот живот и да бидете свесни за вашите цели, потреби и емоции.
4. Направете обид да ја напуштите вашата удобна зона
Преку развивањето поголема емоционална и сексуална самосвест, ќе можете да стекнете поголема самодоверба. Секое искуство со партнерите и пријателите ќе ви помогне подобро да се запознаете себеси. На тој начин ќе станете свесни за вашите силни и слаби страни. Нема да постигнете никаков напредок ако продолжите да размислувате и да ги правите истите работи како и секогаш. Вашиот мозок има извонредна способност да расте и да се приспособува, а за тоа му се потребни нови искуства и предизвици. Можеби постојат работи што отсекогаш сте сакале да ги направите но сте немале храброст за тоа. Доволно е да го надминете стравот и да се препуштите во авантурата наречена живот.