Во 1943-та година се води легендарната битка за Прозор. Ја водат партизаните контра италијанските фашисти во рамки на Четвртата непријателска офанзива. Позната е по командата на Тито: „Прозор вечерва мора да падне!“ (“Prozor noćas mora pasti!’)
80 години потоа, во 2023-та година во Македонија се води битката за еден друг ПРОЗОР. Ја водат Македонците контра одродите и новокомпонирани заштитници на некогашните бугарски фашисти во рамки на сто и четвртата бугарска офанзива за уништување на македонштината и јуриш на Бугарите во уставот, силно потпомогната од армијата бриселски апаратчици. Позната е по изјавата на Лајен: „ПРОЗОРЕЦОТ на можности е отворен, зависи од вас!“
Арно ама, офанзивата со најновиот горчлив морков на Урсула, наречен ПРОЗОРЕЦ условен со понижувачки уставни измени, наишла на силен потсмев и многу забелешки кај домицилното, напатено и сеирџиско македонско население, кое по 30-на години лаги, условувања и перфидни барања, почнало од пуста мака да се шегачи и да тера шенгеле со неинвентивноста на „олеснувачите“ при носењето антимакедонски одлуки. Ефектот на посетата и пораките бил НУЛА, море минус 5…
Проблемот бил што прозорецот бил саде подотворен. Уште поголем проблем било што Брисел секогаш, абе нон-стоп го подотварал само кога Македонецот требало да се понижи. Најголем проблем бил што отворениот прозорец бил на 36-от спрат…
Сепак, ова не им пречело на Тачевци и Артановци, кои кубеле коси, лелелкале и пискале за смена на македонската света книга наречена Устав. Корисните идиоти и тендераши од северната тајфа, кои немале проблем да ја продадат и сопствената мајка за да бидат на власт, и натаму по навика дејствувале по урнекот на дејанијата во „Глупавиот и поглупавиот“, каде на прашањето од Глупавиот до девојката за процентот на можности таа да биде со него, кога таа на „Еден наспрема милион?“ одговара со „ДА“, тој скока од среќа, игра и вриска „Јееееее, има шанса!!!“
И во македонските „евроинтеграции“, нашите ќелепури скокале од среќа и врискале од радост на секое подотворање на џамот, па со голем ќеф и елан менувале исконско име на држава, носеле двојазичност, кроеле деловници, менувале Устав, ништеле историја, палеле учебници, каљале светци, продавале револуционери, плукале по своето и сонувале за некаков помпезен и триумфален влез во ЕУ. Во состојба на некаков северен делириум халуцинирале дека ѓоамити овенчани со некаква светска слава и со фанфари во позадина на сокак послан со рози влегуваат низ самозамислена ЕУ триумфална порта во Брисел, а околу нив сите аплаудираат и корнат коси од уживанција што Македонија по сите маки и искушенија влегува, оксиморонски носена на безрбетните плеќи на Таче, Љупче Путер, Обиџуко и Маринаринчиќ.
Оти, суртуците инфантилни ги водела една ступидна девиза, која гласела: „Ако не можеш да трчаш, оди! Ако не можеш да одиш, ползи! Направи се, само никогаш немој да се откажуваш од целта!“ Та ползеле, целивале нозе, коленичеле, па пак ползеле. Се’ за северната тендер-кауза. Затоа, сервилните Тачевци немале проблем да дадат се’ за еден „подотворен прозорец на можности“, па макар тој бил и на 36-от спрат. Немале гајле што не биле Спајдермени или Бетмени за да се искачат до него, нејсе што така ползејќи на секој кат оставале по некоја голема македонска жртва на бриселскиот олтар. Итале орно нагоре кон „светла“ иднина. Угоре високо, удоле длабоко…
Другиот дел од Македонците, оние со ’рбет, вистинските Македонци, стоеле под прозорецот и зачудено и со неверување гледале на „фантастичната“ понуда со подотворено вц-џамче на 36-ти кат и со голема доза на презир и потсмев гледале како премиерот, министрите, директорчињата и другите функционерски дилајли прштат од среќа, та кмичат, коленичат и со голем елан, насмејани до уши ползат и пеат, гризејќи, гребејќи и грабајќи кон непристојниот предлог.
90 проценти од Македонците и скоро 70 проценти од сите македонски граѓани имале сосема поинаква идеја и визија од оваа на субмисивните СДСССССС-овци, веројатно поради тоа што не биле безрбетници. Истите, буквално ги „убила“ промаја од отворениот прозорец на децениските лажни, неисполнети и евтини ветувања на ЕУ-бирократите.
Тие, не сакале отворени прозорци, макар биле и на приземје, не па ко дотичниот на 36-ти кат. Пустите, каде и да е, така ги учеле од дома, сакале ко секој нормален човек, народ и држава да си влезат секаде достоинствено, чесно, со чист образ и душа. Не сакале преку некаков си ПРОЗОРЕЦ ко крадци, арамии и други белосветски пробисвети.
Македонците сакале и сакаат да влезат низ ВРАТА…