вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Последниот кој ќе остане, нека исклучи светло

Последниот кој ќе остане, нека исклучи светло

Македонија е фасцинантна држава. Има официјално име, кое никој не го сака (освен оние кои наплатија од истото). Држава која има природни ресурси, а не ги користи. Држава во која секој се бори да добие нечиј туѓ пасош за да си ги зголеми можностите да си оди, и земја во која секој има интерес да биде се‘, само Македонец не, за да може да ги ужива придобивките на колективните мулти/култи права.

Балканот, а посебно Македонија, е вистински полигон за експериментирање на се‘ она што Западот не сака или се двоуми дали да го примени. И секако, кај нас на одличен начин се‘ се искривоколчува, модифицира, релативизира и се добива некаков мутант кој ја разјадува и уништува државата во темел.

Се успеа да се уништи се‘! Нема производство, нема индустрија, нема земјоделие, нема сточарство, нема доволно енергетско производство, дојдовме од земја која може да ја нахрани цела поранешна Југославија со над 20 милиони, да увезуваме земјоделски производи од Албанија.

Станавме земја на трговци, тендераши, политичари, на Ај Ти сектор и на маркетинг агенции. Го наполнивме Скопје, а се испразнија селата, и градовите. Себично се креира начин на живот на поединци, а не на семејства! Мали станови, место куќи. Се градат згради во радиус од 2-3 километри околу центарот на Скопје,а се друго е осудено на пропаст, затоа што инфраструктурата, превозот, но и потребите на луѓето за здравство, образование, пазарење ги нема на потребното ниво во останатиот дел од градот и државата.

Станавме држава каде се форсира личниот интерес на одредени лоби групи, без да се гради стратегија на државно ниво, стратегија која е во функција на државата, на самиот народ, и на под еднаквиот регионален развој.

Да се разбереме, ние имаме институција и орган за се‘! Секако, фиктивно и на хартија, или само про форма. Дури и субвенциите кои ги делевме за земјоделие, место да го поттикнат истото, го замреа. Со парите народот од внатрешноста си купи коли и станови во Скопје. Место да се доделува земја на користење, механизација, окрупнување на парцелите и заедничко производство за поголем принос, агро берза, гратис семенски материјал, осигурување на родот ние направивме маса народ зависни од откуп и субвенции, место да ги мотивираме самите да влезат и во процес на обработка и производство.

Навистина не можам, да ја сфатам логиката каде што буквално се сака се да се отуѓи и даде на странци, за без пари или за ситно, нешто што во минатото се градело со народни пари.

Проблемот го гледам во менталитетот и лековерноста на народот. Им веруваат на разни копуци кои ветуваат сигурно работно место, плати, бенефиции, и народот лековерно секогаш трга од личниот интерес. Не се вложува во личното знаење, туку во диплома. Интересно е како истиот лековерен народ, знае да се однесува и почитува закон, кога ќе отиде на Запад.

Таму сме најдобрите, највредните, најпослушните, и секако, напредуваме.
Освестување мора да има. Не утре, не денес, туку уште вчера! Да се преиспитаме каде грешиме, да им откажеме верба на тие кои не заслужуваат, па дури и да ги натераме самите партии да ги отстранат локалните шерифи, аги, паши, бегови и чаламџии со кои народот секојдневно се среќава и од кои зависи, а постојано токму од нив се толчени.
Да се справиме со разните шефови, раководители, функционери кои тераат некои свои политики, затоа што токму од таквите ликови врзани во кланови, со кои високата политика на се справува, прават да живееме во овој магепсан круг на медиокритетство и клиентелизам, кој го брка секој прогресивен млад човек, надвор од државата, не времено, на гурбет, туку трајно и за секогаш.

Проблем е нашата свест! Проблемот е што не сакаме и не знаеме да се побуниме, да ја плеснеме секому вистината в лице, и да го вреднуваме сопствениот труд, но и да добиеме и почит и поттик за напредок.
Време е да покаже дека заслужуваме да имаме држава, да имаме функционален систем, да имаме општество во кое сите ќе стоиме мирно и гордо под знамето, грбот и химната, без болеста на „северџанење“. Без да потенцираме и обележуваме кој какво етничко или верско потекло има, затоа што сме сите деца на Македонија.
Или ќе биде вака, или последниот кој ќе остане, нека исклучи светло!

Александар Ристевски