недела, 5. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Суверена, самостојна и независна… дали?

Суверена, самостојна и независна… дали?

За разлика од претходниот систем и моето детство, милам дека денес просечниот човек доста помалку чита, отколку порано. Можеби губи време на социјални мрежи и „фејк њуз“ сајтови, но дефинитивно многу помалку чита нешто што креира за него како личност додадена вредност.

Истото би го рекол слободно за добар дел од политичарите. Добар ден од нив цел ден се во потрага по нешто црно и компромитирачко за противникот, ширењето на квази пропаганда и лажни флоскули, отколку да се самонадградат, едуцираат и да ги прошират сопствените погледи кон светот.

За почеток, нешто од нашиот Устав. Во него пишува дека сме „суверена, самостојна и независна држава“. Мислам дека огромен дел од амебите кои ни ја водат државата, а работат на се‘, освен на она што е основата на државата, нејзините постулати и причина за постоење.

Македонија со излегувањето од Југословенската централизирана политика водена од Белград, место да покаже доследност и знаење, полтронството од еден центра на моќ го замени за нов. Место Белград, денес тоа е Брисел.

Низ годините ги послушавме сите глупави совети кои ги добивме, и ги прифативме како нешто кое мора, и сега немаме необработена земја, место хектари и хектари со жито, сончоглед и други култури. Немаме стока, млеко, месо. Од земја која можеше да произведува храна на над 20 милиони луѓе станавме увозно зависни.

Си ја уништивме наменската воена индустрија. Се разоружавме комплет, пошто не сме биле по НАТО стандарди. Секоја нова структура ги лаже војните лица за станови, па секој се снаоѓа како знае и умее. Дури и праќањето на воени мисии во странство, каде се земаат подобри плати, е со списоци и подобни/неподобни. Токму затоа веќе нема кандидати за служење доброволно воен рок.

На обработлива земја градиме фотоволтаични централи. Водените ресурси ги даваме (продаваме) на сосед кој 30 години ни беше закана за безбедноста и опстојувањето на државата. На истиот сосед низ годините му ја продадовме и најголемата банка, индустријата за леб, за цемент, мермерот.

Навистина е фасцинантно, како самите дозволуваме сево ова да се случува. Вакво полтронство, ваква авто деструкција никаде нема. Што е најтрагично, тие одлуки ги носат луѓето кои на избори добиваат гласови од народот. Потоа истите велат дека тоа што го правеле биле храбри одлуки, за наше добро. Навистина генијално!

Македонецот ќе ја има обединета Македонија и ќе живее во една држава, кога и ние ќе влезе во ЕУ. Реалноста е дека Македонија или НИКОГАШ нема да влезе во ЕУ, или ќе влезе на купче со цел Западен Балкан. До тогаш ќе помине доста време, а и ако влезе преку ноќ, тоа ќе биде ради геополитичка одлука, а не поради исполнување критериуми и стандарди.
Македонија мора да ја направиме подобра и посилна ради нас самите. Не затоа што некој ни поставува услови и барања. Македонија прво треба да ја заштити својата независност, сувереност и самостојност. Џабе ги намалуваат делата за членот 353 и злоупотреба на службената положба. Актуелнава структура може комплет да го јаде за велепредавство. А тука казните се построги.

За моите сограѓани од најголемата едничка заедница, различна од македонската. За знамето на државата, не може како против тежа да биде знаме на друга држава. Да, тоа може да ве дефинира етнички, ама постои само еден државен симбол кој ја дефинира државата, и тоа е тоа. Исто е и за химната. Не постои химна која им одговара на сите. Но химната на Македонија не оспорува никого, туку е одраз на причините за постоењето на самата држава. Не може како што еден градоначалник вели дека ќе промовира химна на наш сосед. Тоа е автоматски форма на сепаратизам и сецесионизам.

Оправете се, сите на купче, и за почеток покажете му на народот дека ја сакате и почитувате сопствената држава, и дека не сте полтрони и лакеи на странските емисари. Така повеќе ќе ве ценат и тие, и самиот народ.

Македонија пред се‘!

Александар Ристевски