вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Едначење по глупост

Едначење по глупост

Најнеспособната влада во светот и пошироко го реши проблемот со мечките. Се прашувате како, нели? Епа, остроумните Тачевци викнаа „ЕУРЕКА“ и испланираа за една година од сега да испланираат како ќе ги раселат мечкиштата во западна Македонија. Да, заблескаа по навика и смислија да си дадат рок од година дена за да направат план како да се справат со напаста мечкина и како да ги раселат на други локации. Ви се верува во нивната „промуќурност“?

Секако, та ова е чиста класика, би било чудно да беше нешто нормално, умно и логично. Оти, вака функционира суријата северни генијалци, а условот да влезеш во бандата очебијно е да имаш IQ под 33 за да не си над гуру Црпко, да ти лепат рачињата, да немаш проблем со продажба на национални интереси, да си природно агресивен и ступидно арогантен, амбицијата и инстант-кариера без никаква основа и поткованост да ти бидат основна мантра, а многу пожелно е да немаш скрупули и да си дудук за се’, со најповршни познавања на кое било поле. Сеопфатен и широкопојасен дунстер, во кратки црти. Затоа, небулозната „одлука“ за мечките е толку природна и нормална. Им прилега, им „стои“ ко „саливена“. Гарант, и оваа мерка е за побрз влез во ЕУ, не знам како не се сетија да го споменат тоа. Тешка, голема мечкина реформа. Украсете ја со европско знаменце. Иако, пиратско многу повеќе ви личи.

А, зошто, воопшто и се мачите, таленти? Та додека вие реагирате сите од таму ќе се иселат, па загрозениот вид „луѓе“ ќе стане проблем за мнозинството мечки. Додека вие, според планот, ги иселите и раселите мечките, она малку преостанати луѓе во Маврово и Ростуше ќе фати џенем од Македонија. Ко што тргнало, ако останете на власт, ќе треба да доселуваме луѓе, а не да раселуваме мечки…

Туку,  како не ви текна да ги излажете мечките дека дошла зимата, па да си легнат пак пустите, ко суртуците ваши со бесплатно здравство во ЕУ што ги лажевте за името. Тоа ви стои и во описот на работното место, патолошки лажговци. Може и нон-стоп да ги лажете, та штом урсусите станат и се рассонат,  пак да си легнат и нон-стоп да хибернираат. Истото што им го правите на Македонците со ЕУ – името, па уставот, па јазикот, па Бугарите во него, па историјата… Да, така и мечките ќе испоумираат сами, а богами и Македонците ќе ги снема. Сите останати среќни и задоволни. Или, муљајте ги животинките дека ќе им донесете датум за пролетно будење, исто ко што оној за преговори со ЕУ го носите веќе шестта година по ред, неспособњаковиќи трагикомични. А, од Маврово и Ростуша и околијата сардисана со мечки, исто како и сите нормални Македонци би ви рекле „мечки да ве јадат“…

Ве јале или не, оваа ступидна „мечкина услуга“  за мештаните и „брза“ акција  на Ќурка и компанија ме потсети и на пораката на Фон Дер Лајен, која ни порача дека историјата се менува?!?! Душичка научнофантастична. И додека очекувате да чуете дека Урсула измислила временска машина, релативизаторката од Брисел ви се врти и ви вели „Зграпчете го моментот!“. Небаре, мигот со војни насекаде е жива посластица за кандидатите за членство.  И, госпожа со огледалца за домородците во чантата, таа не, не се менува. Историјата е нешто што минало, нема враќање назад, не се правете недоветни. И, да, звучиш ко Заев.

А, околу она патетично, евтино и демек мотивациско – „зграпчете го моментот,“ си спомнувам дека „Зграпчи го денот“ беше една страница во весникот „Вест“. „Најчитаната“, затоа што беше со голотии. Кај нас, пак, многу одамна, 7-ма година по ред царот/премиерот и претседателот се голи, башка боси. На страна и приглупи, сервилни и субмисивни. Олабавете не’, финтиве ви се ветви ко ланскиот снег, а корисните идиоти кои глумат влада во Македонија одамна не ви се ни корисни. Саде идиоти останаа. Дарба си е дарба.

И додека Урсула менуваше историја и штелуваше колективна меморија на цел народ, Цаци упорно стануваше за да ја види сала, Таче понизниот се караше со новинари и ламентираше за непокор, Османи бараше да им купиме нов авион, Владата раселуваше мечки, Маричиќ меѓу два бифтека во бифето бладаше за избеганиот воз, Стево се самодемантираше на две минути, Груби леткаше орлиња, црна Бисера се шеткаше по танга по цркви, Обиџуко феминизираше нов светец, Љупче смишљаше како да фати нова пратка путер и пак да стане славен, а низ македонскиот етер провејуваше сенката на најновата политичка појава која ја краси владејачката сцена.

Една од карактеристиките и особеностите на македонскиот јазик е едначење по звучност. Има и исклучоци.

Една од карактеристиките и особеностите на актуелната влада, доминантна, е ЕДНАЧЕЊЕ ПО ГЛУПОСТ. Потценување на интелигенцијата на сопствениот народ.

И не, тука нема исклучоци…

Македонската анамнеза за северниот феномен „едначење по глупост“ е јасна. Болеста се лечи само и единствено со една терапија. Иљачот се вика ИЗБОРИ, повеќе дози ОДГОВОРНОСТ, па долга масажа во зандана…