Веројатно е незамислив дочек на Нова година или прослава за Божик без накитена елка, без шарени украси и многу украсни сијалички. Елките имаат почесно место во овие прослави, но патот на елката од зимзелено дрво до симбол за празник бил долг и полн со интересни факти.
Зимзелените растенија веќе со илјадници години се користат во прослави на христијанските и паганските обичаи. Паганите ги користеле да ги украсат домовите во текот на зимата, за да се потсетат на доаѓањето на пролетта, додека Римјаните ги користеле да ги украсат храмовите за време на фестивали. Христијаните зимзелените растенија ги користеле како знак за вечен живот со Бога.
Нема податоци кои точно можат да одредат кога елката по првпат била употребена како дел од божикна традиција. Се верува дека тоа почнало пред илјада години во северна Европа. Многу елки тогаш биле закачени на плафоните и прицврстени со ланци. Тие кои не можеле да си дозволат вистинска елка, ределе исцепени дрва во форма на пирамида и ги украсувале со хартија, јаболки и свеќи.
Во Викторијанската ера свеќичките на елката претставувале ѕвезди, а во некои делови на Европа се уште се користат како украси. Меѓутоа, поради страв од пожар, во 1895 година биле направени електрични сијалички кои ги замениле свеќичките.
Разни светликави украси биле користени за украсување на елките кога тие почнале да се украсуваат. Разликата меѓу денешните и тогашните украси е во тоа што тие биле направени од сребрени топчиња, но кога почнале да се произведуваат пластични, тие брзо ги замениле сребрените.
Употребата на елката во божикните и новогодишните прослави првпат била документирана во 1510 година во главниот град на Летонија, Рига. За самата церемонија нема многу познати детали, но се знае само дека на крајот на прославата луѓето ја запалиле елката.
Исто така постои слика од Германија, настаната во 1521 година, која прикажува бискуп како јава покрај елка кои луѓето ја носат низ градот. Се верува дека бискупот го претставувал Свети Никола. Првиот човек кој однел елка дома, според обичаите кои денес ги знаеме, бил свештеникот Мартин Лутер. Тој гледајќи низ крошните на дрвјата видел ѕвезди кои го потсетиле на Исус, па исекол елка и ја однел дома. Во Германија, елките биле украсувани со украси за јадење, како што се шеќерни јаболки и сладок леб. Но, подоцна почнале да прават стаклени украси слични на овие денешните.
Првата божикна елка во Велика Британија била поставена за време на владеењето на принцот Алберт. Додека во 1848 година кралската божикна елка била објавена во познатите Лондонски весници.
Поради тоа култот на божикната елка набрзо станал популарен и во Соединетите Американски Држави.
Вештачките елки станале популарни во 20 век. Во тој период постоеле дури и модни ревии на пластични елки обоени во разни бои. Со години овие елки биле правени од метал, хартија, пердуви и разни типови на пластика.