четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Занимливости

11 најчести соништа и нивното вистинско значење

11 најчести соништа и нивното вистинско значење

Сонувате дека паѓате или дека ве бркаат – дознајте зошто!

Најверојатно сте забележале дека некои соништа ги сонуваме почесто од другите. Поради некои се будиме во паника облеани со пот, додека некои ни оставаат длабок впечаток долго по будењето, дури и кога не се страшни.

Соништата ги претставуваат нашите потсвесни мисли, желби и размислувања, објаснува сертифицираниот аналитичар на соништа Лори Лоенберг. Според неа, нашиот мозок во текот на ноќта доживува пет и повеќе соништа, иако најчесто не се сеќаваме на повеќето и иако секој сон е единствен, постои шема и симболика поврзана со оние најчестите.

Доктор Лоенберг објаснила зошто сонуваме некои од следниве соништа и што всушност стои зад тоа…

Сон дека повторно сте на училиште и полагате тест

Овој сон обично е поврзан со работата, бидејќи училиштето ја симболизира нашата прва „работа“ во животот. Овој сон е карактеристичен за периодот кога се наоѓаме пред големи предизвици на работа, кога сме под стрес или имаме проблеми во комуникацијата со претпоставените или колегите. Ваквите ситуации на работа создаваат чувство дека сме тестирани и дека нашите способности и умешности се ставени на еден вид тест.

Сон дека се дружите со славна личност

Без разлика колку случајна изгледа појавата на одредени јавни личност во вашиот сон, постои потсвесна причина зошто се појавила токму таа, тврди доктор Лоенберг. Тоа би можело да биде нешто што вам ви е многу важно на сублиминално ниво. Може да се работи за филм што таа личност го снимила, а кој ве допрел емоционално, песна во која сте се пронашле, нешто што сте прочитале дека ѝ се случило на таа личност, но и желба самите да бидеме препознаени за дела какви што остварила личноста. Размислете што ве поврзува со личноста што сте ја сонувале и ќе го најдете одговорот, тврди докторката.

Сон дека партнерот ве изневерил

Доколку во вашето минато имало неверства и афери, овој сон ќе го сонувате почесто за разлика од други луѓе што немале такво искуство, бидејќи тоа чувство е длабоко вткаено во вашиот емоционален склоп. Важно е да запомните дека соништата не се предвидувања и не ги предвидуваат идните настани, туку се еден вид филтер на сегашноста и минатото.

Овие соништа може да бидат показател на недостиг на доверба во сегашната врска, но и љубомора и посесивност настанати поради претходните искуства со изневерување. Сонот за неверство може да го сонувате и ако чувствувате дека не добивате доволно време и внимание од партнерот или ако тој ги посветува на некои други активности (работа, спорт, пријатели). Овој сон не мора да биде лош, бидејќи ве предупредува дека нешто би требало да се поправи и дека можете да работите на тоа.

Сон дека доцните на нешто многу важно

Доколку работите работа врзана за рокови, не е ни чудно што често го сонувате овој сон. Доколку не станува збор за рокови поставени на работа, можно е да се работи за самонаметната цел или самокритичност поради нешто што не успевате да го направите, а ви е важно: да почнете диета, да почнете со вежбање, да престанете да пушите и слично. Овој сон одразува еден вид вина поради нешто што не сте го започнале, а сте си го ветиле самите на себе.

Сон дека сте бремени

Дури и да не се обидувате да имате деца, овој сон е позитивен. Тој е показател дека во вас нешто расте и созрева. Тоа може да биде што било – од некоја позитивна идеја до желба конечно да се впуштите во долго посакуваната романса со некоја личност што ви се допаѓа.

Сон дека одите по раб и одеднаш почнувате да паѓате

Соништата за паѓање и ненадејно пропаѓање може да бидат поврзани со чувството на преокупираност и страв од губење контрола. Исто така, може да бидат поврзани со тоа дека не чувствувате дека имате доволно поддршка или сте несигурни поради нешто.

Овој сон може да биде поврзан и со некоја стресно преживеана ситуација. Статистиката покажала дека во САД, бројот на луѓе што сонуваат паѓање од раб, драматично се зголемил по терористичкиот напад на 11 септември. Постојат бројни варијации на овој сон, а трикот е во деталите, па доколку често сонувате дека паѓате и тоа ве оптоварува, би требало да побарате совет и објаснување од експерт.

Сон дека сте останале без глас и не можете да повикате помош

Овој сон во одредени ситуации можеби не е само сон, туку последица на парализа во сон. За време на РЕМ фаза од сонот, нашите рецептори се парализирани за да се спречи движењето додека телото одмора и сонува, а тоа е сосема нормална појава. Меѓутоа, одреден број луѓе се случува да се разбудат пред завршувањето на РЕМ фазата, додека рецепторите за движење сѐ уште не се активирале, што создава чувство дека сме парализирани и без глас. Ова искуство луѓето често го толкуваат како сон, но не е. Парализата во сон, според експертите, може да биде многу застрашувачко искуство.

Сон дека сте голи во јавност

Ваквите соништа често може да се резултат на чувство на некаков срам и непријатност. Исто така, може да го сонуваат луѓе што на некој начин се чувствуваат изложено и ранливо. Меѓутоа, доколку сонувате дека сте голи во јавност, а не чувствувате срам, тоа може да биде позитивно, бидејќи потсвесно веројатно сакате да бидете видени, препознаени и да ви се воодушевуваат, што укажува на амбиција.

Сон дека ви паѓаат заби

Овој сон е типичен за анксиозните личности кои на овој начин ја искажуваат својата анксиозност. Овој сон се поврзува со чувството на загриженост за своите способности, умешности, здравје, сила, можност за борба со тешкотиите и способноста да се справиме со светот околу нас. Овој чест сон може да се поврзе и со период на некои драстични промени во животот, како селидба, промена на работата или партнерот.

Сон дека некој ве брка

За овој сон, многу е важно кој ве брка. Луѓето често сонуваат дека ги прогонуваат чудовишта или други натприродни суштества, а тоа може да биде потсвесен знак дека личноста е под влијание на некоја зависност (алкохол, дрога…), дека имала некој вид индискретен однос што морално го мачи или дека нешто должи.

Доколку, пак, сонувате дека ве брка личност што ви е позната, ситуацијата е потполно поинаква. Таквиот сон може да биде показател на вашата лична внатрешна состојба, персонифицирана во одредена личност, но имајте предвид дека луѓето во соништата можат да бидат замена за други луѓе, па дури и аспекти од нас самите.

Сон дека сте некој важен – крал, претседател, директор…

Сонот дека се наоѓате во позиција на моќ, најчесто ја сонуваат луѓето на кои им недостига моќ или не се во можност да ја воспостават. Ваквите соништа се еден вид емоционална компензација за чувството на недостиг на моќ во реалниот живот, за која личноста чувствува силна потреба или желба.