Еврокомесарката за правда, Вера Јурова синоќа доби потврда од Фејсбук дека податоците на 2,7 милиони европски корисници на социјалната мрежа биле споделени со Кембриџ Аналитика.
Јурова, пред една недела испрати писмо до Фејсбук, барајќи разјаснување околу аферата со Кембриџ Аналитика, во која милиони лични податоци на корисници на социјалната мрежа биле најверојатно нелегално искористени.
Фејсбук во писмото објаснува кои чекори оттогаш се направени, јави дописникот на МИА од Брисел.
– Писмото ќе биде анализирано во детали и ќе бидат потребни и дополнителни објаснувања од социјалната мрежа пред се за да се усогласат новите правила на Фејсбук со новата регулатива на ЕУ за заштита на лични податоци и поширокиот демократскиот процес, изјави портпарол на Европската комисија.
Портпаролот најави дека Јурова ќе разговара идната недела на оваа тема со раководството на Фејсбук.
Во ЕУ од 1995 година постои директива за заштита на личните податоци но таа ќе биде зајакната до 25 мај годинава во контекст на нарушувањето на употребата на личните податоци преку Фејсбук и Камбриџ Аналитика.
Според портпаролот, новите правила ќе ја обврзат социјалната мрежа да побара и добие јасна согласност од интернет корисникот за споделување на податоците со трета страна. Директивата ќе содржи и рок од 72 часа, во кои социјалната мрежа ќе мора да го извести корисникот доколку неговите податоци биле злоупотребени. Во ЕУ, надлежните за заштита на лични податоци ќе добијат можност да санкционираат доколку има нарушување на дириективата за заштита на лични податоци и тие санкции ќе можат да изнесуваат и четири отсто од вкупниот промет на социјалната мрежа. (МИА)