Дека Македонија има успешни и талентирани јавни личности на кои им се тесни овие граници и постојано барат нови предизвици доказ се и овие познати Македонци.
Владимир Василевски – Четкар
Охриѓанецот во 1996 година замина на музички студии на Беркли колеџот и оттогаш живее на релација Америка – Македонија.
“Тогаш кога заминав во Америка ниту во Македонија ниту во соседството имаше услови за изучување на џезот и на модерната музика. Најблиската дестинација за пријавување на аудицијата за Беркли во тоа време беше во Перуџа, Италија. Се претставив со две композиции – подготвив гитарски солажи од Џо Пас и Џорџ Бенсон, за кои самиот направив транскрипција и хармонизација, и ја подготвив композицијата „Јовано, Јованке”, која ја аранжирав за гитара. По успешната аудиција во Перуџа, решив да заминам во Бостон”, вели Четкар.
Тој веќе долги години живее во Њујорк, каде што често настапува на Менхетн, односно во клубот Блу ноут. Викендов по седми пат имаше настап во клуб што уште и го нарекуваат светска престолнина на џезот.
Освен во Блу ноут повеќе пати има настапувано и во останатите најзначајни џез-места во САД како Иридиум на Бродвеј (Њујорк), Регатабар во Бостон, Блуз Ели во Вашингтон и Каталина џез-клуб на Сансет булеварот во Лос Ангелес.
Ристе Тевдовски
Поранешниот пејач на Браво бенд веќе неколку години живее во Мичиген, каде што замина на постдипломски студии, односно за да ги усоврши вештините на својот инструмент – кларинетот. Но, тетовецот не седи со скрстени раце во Америка, па освен што учи, дава часови по кларинет, но и настапува со групата “Орноматик”, кои се вистински хит меѓу тамошните македонски иселеници.
Оливера Ѓоргоска
Прилепчанката е во Америка од 2011, прво замина на Флорида на магистерски студии по соло-пеење, ги заврши и одлучи да продолжи да го школува гласот, па потоа се пресели во Лас Вегас, каде што се запиша на докторски студии на Универзитетот во Лас Вегас, Невада, отсек соло-пеење. Престојот во САД освен за студии го користи и за да се појави на некое од американските талент шоуа. Па така, викендов во Лос Анџелес требало да помине на уште една аудиција за “Војс”.
“Не се откажувам од поп-музиката, ќе си ја пробам среќата, секако, на разните аудиции за нови таленти тука. Подготвувам и песни на англиски јазик, но поради патувањата и докторските студии, ги ставив на пауза. Не брзам никаде, така што кога ќе излезе нешто во етер, ќе мора да биде многу квалитетно”, појаснува таа.