Лансирањето на ракетата Фалкон 9, која го носеше американскиот владин сателит Зума е неуспешно, објави „Волстрит журнал“.
Весникот наведува дека сателитот на американската Влада, што беше лансиран со помош на агенцијата „Спејс Икс“ (SpaceX) не ја напуштил орбитата и се смета за изгубен. Наводно, Зума не се одвоил, како што беше планирано од ракетата Фалкон 9 по вчерашното лансирање од Кејп Канаверал. Се претпоставува дека и понатаму е во Земјината атмосфера.
Сателитот требаше да биде „испорачан во ниска орбита“ односно на висина од околу 2.000 километри, но точната локација и одредиште не беа објавени.
Зума е изработен од компанијата „Нортроп Груман“ за американските владини агенции, но не се прецизира неговата функција, ниту со што е опремена. Поради тајноста на мисијата се претпоставува дека е поврзана со националната безбедност, одбрана или набљудување, а лансирањето на „Спејс Икс“, за разлика од претходно, не беше пренесувано во живо.
Компанијата на „Илон Маск“ минатата година изведе 18 успешни лансирања, а кон крајот на месецот предвидено е да ја лансира ракетата Фалкон Хеви, која би требало да има трипати посилен притисок од Фалкон 9.
Истражувањата се фокусирани на слетувањето односно на тоа ракетите на „Спејс Икс“ да можат да се користат повеќе пати, со што патувањата во вселената биу требало да бидат повеќекратно поевтини.