четврток, 21. декември 2023. Вести денес: 0
home Технологија

Апликацијата која е одговор на Закерберг на „Twitter“ изгуби 79 отсто од корисниците

Апликацијата која е одговор на Закерберг на „Twitter“ изгуби 79 отсто од корисниците

Дневната употреба на „Threads“, одговорот на „Meta“ на „Twitter“, продолжува да паѓа по силниот почеток во првите денови по лансирањето.

Ангажманот на социјалната мрежа опаднал за 79 отсто, од високи 2,3 милиони активни корисници на почетокот на јули на 576.000 до 7-ми август, според платформата за дигитална интелигенција „Similarweb“.

Освен корисници кои ја напуштаат платформата, големите американски компании како ланецот за брза храна „Wendy’s“, продавницата за облека „Anthropologie“ и линијата шминки „Rare Beauty“ го намалија бројот на објави на „Threads“, известува „Adweek“.

Во првите неколку часа од неговото лансирање на 5-ти јули, „Threads“ собра импресивни 5 милиони регистрации на корисници и за помалку од една недела, најмалку 100 милиони луѓе се регистрирале, што ја прави апликација која најбрзо се преземала.

Почетната возбуда стивна

Но, се чини дека првичната возбуда постепено исчезна. Во својот најпрометен ден, „Threads“ имал помалку од половина од бројот на корисници на „Twitter“, според „Similarweb“. „Twitter“ има во просек повеќе од 100 милиони активни корисници дневно. „Threads“ требаше да го искористи хаосот на „Twitter“ откако Илон Маск го презеде во октомври 2022 година.

Маск го отпушти поголемиот дел од персоналот на апликацијата и воведе низа контроверзни промени во политиката кои доведоа до пад на приходите од рекламите. Долгогодишните корисници се жалеа на чести падови, зголемен говор на омраза и токсичен говор на платформата.

Во меѓувреме Закерберг и Маск јавно се „препукуваа“, а летово размислуваа дури и за борба во кафез. Во неделата, Закерберг рече дека е време да се откаже од идејата бидејќи Маск не изгледа сериозен во врска со тоа, им порача шефот на „Meta“ на своите следбеници на „Threads“.