Британскиот производител „Bentley“ постепено станува електричен бренд, но сѐ уште целосно не го напушти моторот со внатрешно согорување. Компанијата го покажа најмоќниот автомобил во својата историја – „Bentley Mulliner Batur“, кој е големо купе „Grand Touring“ опремено со надградена верзија на познатиот 6.0-литарски твин-турбо W12 мотор.
Ова ќе биде последниот модел на брендот со овој мотор, кој, сепак, очигледно има уште многу да понуди. Инженерите на „Bentley“ го опремија со нов доводен вентил, надградени турбо полначи, силни интеркулери, како и титаниумски издувен систем кој доаѓа во комплет со 3D-елементи.
Благодарение на сите овие промени, моторот произведува повеќе од 740 ks и 1000 Nm вртежен момент. Тоа е 81 ks повеќе и 100 Nm повеќе од „Continental GT Speed“, кој може да забрза од 0 до 100 km/h за 3,6 секунди и да развие максимална брзина од 335 km/h. „Bentley“ не ги откри точните спецификации на „Batur“, велејќи само дека моторот е поврзан со 8-брзински менувач со двојна спојка.
Моделот е опремен и со погон на четири тркала, контрола на вртежниот момент и електронски диференцијал со ограничено лизгање. „Batur“, исто така, располага со адаптивна воздушна суспензија и електричен активен систем за контрола на тркалата што може да испорача до 1.300 Nm за само 0,3 секунди.
Покрај тоа што е најмоќниот „Bentley“ досега, „Batur“ се одликува со модернизиран дизајн кој го навестува стилот на идните електрични возила на компанијата. Производителот на автомобили истакна дека автомобилот е опремен со ажурирана решетка која е пониска и поисправена за силен и сигурен изглед. Моделот има и „бескрајна хауба“ како и минималистички фарови кои се опишани како еволуција на оние што се користат на „Bacalar“.
Други значајни моменти вклучуваат електрично распоредлив спојлер и 22-инчни тркала кои се единствени за моделот. Купувачите ќе најдат и преден сплитер, аеродинамични странични здолништа и заден дифузор што може да биде направен од јаглерод или природни композитни влакна.
Производството на автомобилот ќе биде ограничено на 18 примероци, при што основната цена на секој од нив е 1,94 милиони евра. Секоја машина ќе биде дизајнирана заедно со нејзиниот сопственик, кој самиот ќе може да ја одреди бојата и завршницата на речиси секоја површина на „Batur“. Купувачите можат да избираат и помеѓу светла, темна, сатенска, сјајна или титаниумска надворешна завршница.
Друга опција е градуирана решетка со контрастна боја. Внатрешноста е многу приспособлива, а клиентите можат да нарачаат што било, од композитни фурнири од природни влакна до потрадиционални дрвени облоги. Ако тоа не е доволно посебно, некои варијанти се достапни во 3D печатено 18k злато. Откако клиентите ќе го создадат својот идеален автомобил, тој ќе биде рачно изработен во текот на неколку месеци од „Mulliner“. Ако се оди според планот, првите испораки би требало да бидат реалност во средината на 2023-та година.