понеделник, 11. март 2024. Вести денес: 0
home Технологија

Гејмерите бараат од европските политичари повеќе да „гејмаат“

Гејмерите бараат од европските политичари повеќе да „гејмаат“

Видео игрите знаат да ги привлечат младите подобро од било која друга индустрија. Но, компаниите кои ги создаваат ваквите игри се надеваат дека и европските политичари ќе станат дел од кругот, кој во Европа има отворено над 100 илјади работни места, а годишно има заработка од 23,3 милијарди евра, пишува „Политико“.

На последниот голем настан поврзан со промовирање на видео игри во Келн, наречен „ГејмсКом“, присуствувале над 265 илјади луѓе. Луѓето таму имале можност целосно да се внесат во светот на видео игрите, произведени од стотици компании. Ваквите настани се познати и поради фактот што се промовираат различни категории на игри, од игри за деца како познатата „Мајнкрафт“, до посериозни игри како „Асасинс Крид“ на компанијата „Убисофт“.

Во последниве години има неколку примери за тоа како политичарите сè повеќе се поврзуваат со светот на видео игрите.

Така на пример, во 2015-та година, поранешниот премиер на Полска, Доналд Туск, на средбата со тогашниот американски претседател Барак Обака во Варшава, му подари ЦД од играта „Вичер“, произведена од полската фирма „ЦД Проџект“, потсетува Бизнис Инсајдер.

Но, неколку од останатите европски компании кои произведуваат видео игри, како финската „Суперсел“, или шведската „Кинг“ (основач на познатата игра „Кенди краш“), се жалат дека американски и азиски фирми како „Близард“ или „Тенцент“ им ги „грабнуваат“ видео игрите.

„Видео игрите се огромно културно богатство и важно е не само да се увезува, туку и да се создаде наше кое ќе извезе во светот, генерирајќи приходи и развивајќи нови технологии“, рече Феликс Фалк, шеф на „Гејм“, фирма која ја претставува Германска индустрија за игри.

Игрите ги заменија книгите

Видео игрите сега се најдобрите начини за заработка, во време кога најголемите филмски продукции се обидуваат да ги поврзат игрите и филмовите во едно.

Во едно неодамнешно истражување на Европската индустрија за видео игри, пишува дека повеќе од половина Европјани играат некакви игри, дали на нивните телефони, или на компјутерите и телевизорите.

„Порано филмовите се базираа на книги, сега се базирани на видео игри“ вели Фалк.

Стратегијата на Германија

Германија лани направи национална стратегија за да се зголеми бројот на видео игри произведени во земјата, пишува БМВИ. Германскиот министер за економија, Роберт Хабек, тогаш изјави дека германската Влада сака од домашните фирми да произведуваат повеќе видео игри, а дека тие ќе им дадат „огромна“ поддршка на тие компании во создавањето на тие игри.

Малку, дури ниеден европски пратеник, советник и претставник на Комисијата ги посетуваат саемите за игри, а од компаниите сметаат дека на вавките меѓународни настани им недостасува политичко присуство.

Како што пишува „Политико“, Брисел сè уште се обидува да смисли некаков план за оваа проблематика. Европската комисија нареди да се започне студија за да се идентификува како да им се помогне на европските креатори на видео игри.

Засега, компаниите се фрустрирани и загрижени дека би можеле да ја загубат битката против силните американски и азиски конкуренти.