Италијанскиот регулатор за конкуренција им изрече казни од 10 милиони евра на Google и Apple за „агресивни практики“ поврзани со комерцијална употреба на корисничките податоци.
Двете технолошки компании не даваат „јасни и директни информации“ за тоа како ги собираат и користат податоците од оние кои избираат да ги користат нивните услуги, се вели во соопштението на регулаторот.
Системот на Google е дизајниран така што корисниците автоматски ги прифаќаат условите за користење на податоците кога креираат сметка.
Apple, од друга страна, не им нуди на корисниците избор по ова прашање, додаде антимонополскиот регулатор.
И Google и Apple изјавиле дека не се согласуваат со одлуката и дека ќе ја обжалат истата.
„Нудиме највисок степен на транспарентност во секторот и контрола на сите корисници кои можат да изберат кои информации да ги споделуваат, а кои не, и како ќе се користат“, се вели во соопштението на Apple, нарекувајќи ја позицијата на регулаторот погрешна.
Гугл во соопштението вели дека следи „фер и транспарентни практики за да им обезбеди на корисниците корисни услуги и да обезбеди јасни информации за нивната употреба“.
Регулаторот посочил дека на компаниите им изрекол највисок износ на казни што може да ги одреди во вакви случаи.