Моќниот телескоп „Небесно око“ можеби забележал знаци на вонземјански живот, тврдат кинеските експерти во извештајот кој набрзо бил избришан.
Џиновскиот радио-телескоп детектирал електромагнетни сигнали за живот на други планети, се вели во извештајот објавен во списанието Science and Technology Daily, кој официјално беше објавен од кинеското Министерство за наука и технологија.
Тимови на истражувачи од Универзитетот во Пекинг се задолжени за понатамошно истражување на мистериозното откритие, пренесува „Universe Magazine“.
„Имаше неколку случаи на можни сигнали и траги од вонземјански цивилизации надвор од Земјата“, се вели во извештајот.
Сепак, извештајот брзо бил отстранет од веб-страницата на магазинот, пишува Тајм.
Џанг Тонгји, главен научник на одделот за потрага по вонземски живот на Универзитетот, изјавил за списанието дека е можно да се работи за некои пречки во радио-сигналите.
„Можноста за какво било мешање е исто така голема. Мора сè да провериме и ќе биде потребно време“, изјавил кинескиот експерт.