Минатата година Гугл, без многу врева, додаде снимање повик во својата телефонска апликација што сите ја имаме на нашите телефони со Андроид. Сега го надополнува со можност за автоматско снимање повици од непознати броеви.
Со активирање на новата опција, корисникот нема да мора да го притиска копчето за снимање секогаш кога ќе повика некого или кога ќе прими повик, што може да биде многу погодно за оние кои често го користат телефонот.
Новата функција, сепак, веќе предизвикува загриженост кај јавноста и оние кои се занимаваат со правни аспекти на ваквите случаи, бидејќи во некои земји е забрането снимање разговори, освен ако обете страни не дадат изречна согласност.
Затоа, Гугл ги предупреди оние корисници кои ја користат новата опција за прв пат дека доколку „ја користат опцијата за снимање повик, тие се одговорни за усогласување со важечките закони за снимање повици, за кои може да биде потребна согласност од двете страни за такво снимање. ”
Опцијата за автоматско снимање повици од непознати броеви засега ќе биде достапна само во одредени делови на светот и ограничена на одредени уреди, меѓу кои во моментов се телефони на Xiaomi и Nokia.