понеделник, 25. декември 2023. Вести денес: 0
home Технологија

Маск се откажа од обидот за наплата на синиот знак на Твитер

Маск се откажа од обидот за наплата на синиот знак на Твитер

„Twitter Blue“ веројатно се враќа кон крајот на следната недела, објави твит сопственикот на оваа социјална мрежа, милијардерот Илон Маск.

Твитер во петокот ја повлече својата нова услуга за претплата од 8 долари за која се добива син знак за штиклирање како потврда за автентичноста на профилот, бидејќи нејзиното воведување резултирало со креирање многу лажни профили со потврда на автентичноста, како на пример „автентичните“ профили на Исус Христос или Џон Ленон.

Посакуваниот син знак претходно беше резервиран за автентични профили на политичари, новинари и други познати јавни личности.

Ја воведе ознаката „официјално“, ја повлече за неколку часа
Опцијата за претплата, отворена за секој кој е подготвен да плати, беше воведена претходно оваа недела за да му помогне на Твитер да ги зголеми приходите во моментите кога Маск се труди да ги задржи огласувачите.

Неколку корисници известија во петокот дека новата опција за претплата со „сино штиклирање“ како потврда на автентичноста исчезнала, а извор на „Reuters“ рекол дека таа е повлечена.

„За да се справиме со лажното претставување, ја додадовме ознаката „официјално“ на некои профили“, се наведува во објавата на профилот за поддршка на Твитер, кој ја има ознаката „официјално“.

Ознаката беше претставена во средата, но Маск ја исклучи само неколку часа подоцна.

Маск во четвртокот во својата прва електронска порака за целата компанија предупреди дека Твитер нема да може да ја „преживее претстојната економска криза“ доколку не успее да ги зголеми приходите од претплатите за да го надомести падот на приходите од рекламирањето, изјавиле за „Reuters“ три лица кои ја виделе пораката.