На луѓето, понекогаш, видеоповиците им се одбивни, или барем несоодветни кога не сакаат соговорникот да ги види во разни и најразлични „домашни изданија“… Затоа, сега „Мета“ нуди низа нови алатки за веќе познатите цртани ликови вообичаено наречени „аватари“.
Компанијата наведува дека корисникот сега може да учествува во видеоразговорите, така што неговото лице ќе биде заменето со негов „аватар“ и другите учесници во тој разговор ќе го гледаат така. Опцијата е веќе достапна за корисниците на Месинџер и Инстаграм.
Во дигитално-виртуелниот свет, „аватар“ е личен графички приказ, т.е. дигитално олицетворение на личноста на корисникот. Изворно, „аватара“ е именка од Санскрит-јазикот, што во хиндуизмот означувала земна инкарнација на божествата.
Корисникот сам си го создава „аватарот“ овозможувајќи обликување речиси совршена дигитална копија на својот лик и тело. Системот првично беше направен за употреба во програми за виртуелна реалност, но потоа се појави и на паметните телефони. Дополнително, нема правило дека дигиталниот лик мора да одговара на вистинскиот изглед на корисникот.
Создавањето „аватар“ денес дозволува и „додавање“ нозе на цртаниот лик, но тие нема да бидат видливи за време на видеоповикот. Од Мета велат дека постојано работат на подобрување на системот и наредниов период ќе има пореални и текстурирани анимации.