Јутјуберот со најголема заработка во историјата MrBeast, попознат како Мистер Бист, ја откри идејата со која сериозно го зголемил бројот на следачи и стекнал милиони нови фанови.
Јутјуберот, чие вистинско име е Џими Доналдсон, има речиси 200 милиони претплатници на неговите канали, а неговиот главен канал е петти најпретплатен канал на платформата за споделување видеозаписи. Тој неодамна го откри својот прилично едноставен и брз метод што го користел за да го зголеми бројот на луѓе што го следат.
Додека гостуваше во поткастот на комичарот Џо Роган, тој ги спомна своите синхронизирани канали, кои ги прикажуваат неговите видеа преведени на други јазици.
„Ние ги преведуваме сите наши видеа и на други јазици. Ги објавуваме истите видеа како на главниот канал, но им плаќаме на актерите да ги снимаат на други јазици. Го преведуваме и текстот на видеото, сè“, објасни тој.
Мистер Бист додаде дека неговиот MrBeast en Español бил еден од најбрзо растечките канали минатата година. Ова може да се потврди ако се земе предвид дека шпанската верзија на неговиот канал имаше 300.000 гледачи, само за една година да скокне на неверојатни 22 милиони.
„Помалку од 10 проценти од луѓето во светот зборуваат англиски, така што 90 проценти од светот не можат ни да уживаат во нашата содржина“, вели јутјуберот.
Роган беше воодушевен од идејата, велејќи му на MrBeast: „Многу паметно. Колку одлична идеја, човеку“.