Тимот предводен од вселенската компанија Blue Origin на милијардерот Џеф Безос доби договор со НАСА вреден 3,4 милијарди долари за изградба на вселенско летало што ќе ги носи астронаутите на површината на Месечината и назад, објави вчера американската вселенска агенција.
Blue Origin има намера да го изгради 16 метри високиот вселенски брод Blue Moon за да слета на Месечината во соработка со Lockheed Martin, Boeing, Draper и Astrobotic. НАСА го избра Blue Origin наместо понуда од Dynetics, која е во сопственост на компанијата за воена индустрија Leidos.
Одлуката на НАСА да ги избере Безос и Блу Ориџин ќе и даде уште една опција за испраќање астронаути на Месечината како дел од нејзината програма Артемис. Во 2021 година, НАСА му додели на SpaceX на милијардерот Илон Маск договор вреден три милијарди долари за изградба на вселенското летало Starship, кое треба да донесе астронаути на површината на Месечината за прв пат по мисијата Аполо во 1972 година.
„Сакаме поголема конкуренција, сакаме два летала“
„Реков претходно: сакаме поголема конкуренција, сакаме две летала и тоа е подобро“, рече администраторот на НАСА Бил Нелсон на настан во седиштето на агенцијата. „Тоа значи дека имате сигурност, имате резерви“, додаде тој.
Доделувањето на договорот го следи трендот во последните години во НАСА за помагање во финансирањето на развојот на приватни вселенски летала, а потоа се плаќа за нивно користење во мисии, наместо да се троши повеќе за нивно целосно поседување.
НАСА соопшти дека ја избрала понудата на Blue Origin поради нејзината пониска цена, дополнителните можности за вселенски бродови и нејзината намера да спроведе две пробни мисии за слетување на Месечината на сопствен трошок во 2024 и 2025 година. Програмата Артемис предвидува воспоставување долгорочно присуство на Месечината.