Речиси половина од сите сопственици на криптовалути во САД, Латинска Америка и азиско-пацифичкиот регион купија дигитални средства за прв пат во 2021-ва година.
Ова го покажуваат податоците од студијата на американската крипто-берза „Gemini“, цитирана од „Reuters“.
Истражувањето, спроведено помеѓу ноември 2021-ва и февруари 2022-ра година, опфати речиси 30.000 луѓе од 20 земји.
Резултатите покажуваат дека 2021-ва година беше исклучително силна за крипто-пазарот, при што инфлацијата го стимулира усвојувањето на дигитални средства, особено во земјите чии валути претрпеа потешка девалвација.
Бразил и Индонезија се светски лидери во дистрибуцијата на криптовалути, велат експертите на „Gemini“. Во овие две земји, 41% од испитаниците изјавиле дека поседуваат криптовалута, во споредба со 20% во САД и 18% во Обединетото Кралство.
79% од сопствениците на криптовалути велат дека избрале да купат дигитални средства за нивниот долгорочен инвестициски потенцијал.
Луѓето кои моментално не поседуваат криптовалута и живеат во земји кои доживеале девалвација на валутата во однос на американскиот долар имаат повеќе од пет пати поголеми шанси да купат криптовалути како осигурување од инфлација.
Само 16% од испитаниците во САД и 15% во Европа веруваат дека криптовалутите можат да обезбедат заштита од инфлација, во споредба со 64% во Индонезија и Индија.
Индиската рупија падна за 17,5% во однос на доларот во последните пет години, додека индонезиската рупија падна за 50% помеѓу 2011-та и 2020-та година.
Само 17% од Европејците велат дека поседуваат дигитални средства од 2021-ва година, а само 7% од оние кои моментално не поседуваат криптовалути велат дека имаат намера да купат дигитални средства во одреден момент.
Биткоинот, најпопуларната криптовалута, го достигна својот историски максимум од повеќе од 68.000 долари во ноември, зголемувајќи ја вредноста на пазарот на криптовалути на 3 трилиони долари. Во моментов, цената на најактивно тргуваната криптовалута е нешто повеќе од 46.000 долари.